печено пиле

Рецепт за домашно печено пиле

Сигурно и вие ќе се сложите дека од сите рецепти со пилешко месо, омилено ви е домашното печено пиле. А штом се припрема дома, целото семејство со нетрпение очекува побрзо да се испечи и да се постави масата за ручек или вечера.

Токму ваков рецепт за печено пиле со нас споделува Клара со кој таа вели: „Овој е начинот на кој мајка ми кога бевме деца ни печеше пиле. Не можевме да се изнајадeме. И денес ми е највкусно спремено печеното пиле. Со малку состојки, со малку зачини, а превкусно. Покрај пилето, исто така големо задоволство беше и макањето на мрснотијата од тавата. Оние црни точки што ќе ги приметите на сликата се најслаткиот момент во целото јадење. Рецептот го правев по сеќавање, не ја прашав за детали. Можеби и не мора, но јас ја имам таа практика најчесто месото да го подварувам пред печење, доколку не го печам во рерната со малку вода, за да е посочно и помеко за јадење.“

печено пиле

Состојки:

  • 1 кг пиле
  • 150 гр маргарин
  • 1 полна лажица мешан сув зачин
  • 1 рамно лажиче црн пипер.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган, ставете вода и додајте го пилето. Штом пилето ќе се подвари, ставете го во тава и убаво од сите страни и во внатрешноста, ставете од зачиниот и пиперот. Количеството на маргаринот и зачините можат да варираат спрема потребите и вкусот.
  2. Маргаринот исечкајте го на мали коцки, а потоа распоредете го врз пилето. Дел од коцките маргарин ставете ги во внатрешноста на пилето.
  3. Пилето ставете го да се пече во загреена рерна на 250 степени. Повремено вадете ја тавата од рерна и прелијте го пилето со течноста од тавата. Кога пилето ќе започне да добива румена боја, извадете ја тавата од рерна. Топлото печено пиле послужете го додека е топло. На здравје!

Рецептот го испратил: Клара Бос.

Сподели: