Рецепт за лазања со сос од црвено вино и бешамел 1

Рецепт за лазања со сос од црвено вино и бешамел

Кога ќе се спомне за ова јадење сите знаеме да се насмееме со радост и нетрпение додека го пробаме тој вкус. Има разни рецепти, а ние ви претставуваме еден гурмански и сепак едноставен рецепт за лазања со сос од црвено вино и бешамел. Комбинацијата на вкусовите е уникатна, а ќе знаете само ако си ја направите дома!

Деновиве се одлична прилика за да го собериме семејството и да споделиме радост и вкусна трпеза. Соберете се и заедно уживајте!

Рецепт за лазања со сос од црвено вино и бешамел 1

Состојки:

  • 400 гр кори за лазања

За сос со црвено вино:

  • 500 гр мелено месо
  • 500 мл доматен сос или пасирани домати
  • 500 мл црвено вино
  • 1 поголема главица кромид
  • 3 чешниња лук
  • магдонос, оригано и босилек по потреба
  • сол и црн пипер по вкус.

За бешамел сос:

  • 3 лажици брашно
  • 600 мл млеко
  • 25 гр путер.

За посипување:

  • 3-4 лажици пармезан.

Подготовка:

  1. Прво припремете го сосот со црвеното вино. На малку масло пропржете го ситно насечканиот кромид и додадете го меленото месо, па пропржете уште малку. Додајте го доматниот сос, виното, сол и црн пипер по вкус, ситно сечканите магдонос и лук, како и другите зачини по желба. Сите состојки, вака соединети треба да се варат околу половина час, додека поголемиот дел од течноста испари.
  2. Потоа продолжете со подготовка на бешамел сосот. Путерот оставете да се стопи, па запржете го брашното и со постојано мешање полека додавајте го млекото. Продолжете да мешате додека се згусни (ако не препорзнаете навреме и се згусне премногу, само додајте малку млеко).
  3. Лазањите ставете ги во вода која врие за време од 2-3 минути, а потоа држете ги во ладна вода.
  4. На крај, соединете ги состојките. Лазањата редете ја во подлабока тепсија или соодветна стаклена тава, која прво ќе ја премачкате со малку путер и ќе нанесете еден слој бешамел. Потоа, наредете го првиот слој од тестенините, па внимателно премачкајте со малку бешамел сос, па нанесете еден ред од сосот со црвеното вино. Повторно ред тестенини, па бешамел сос, па сос со црвено вино и така се додека не се потроши се. Само треба да планирате да ви остане малку од бешамел сосот за најгоре на лазањата. Важно е сосовите да ги има во доволни количини, за да има во што да се приготвуваат тестенините. Исто така, при подготовката на сосот треба да знаете дека е добро да биде малку посолен бидејќи лазањите и бешамел сосот не содржат сол.
  5. Печете во загреана рерна на 180 степени, за време од 45-50 минути додека порумени површината, а потоа посипете со пармезанот и печете уште 10 минути. Декорирајте по желба и на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Лазања со мелено месо и бешамел сос.

Сподели: