Рецепт за посни топчиња од компири

Рецепт за посни топчиња од компири

Специјално за сите обожаватели на превкусните компирчиња и за сите кои сакаат да уживаат во дружбите и мезењето со пријателите, овој пат припремивме нов рецепт за неодоливи и посни топчиња од компири. Директно од нашата кујна, не пропуштајте да ги пробате! 🙂

Рецепт за посни топчиња од компири

Состојки:

  • 5 поголеми компири
  • 1 главица кромид
  • 200 гр брашно
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 50 мл масло
  • 3 лажички оригано
  • 2 лажички црн пипер
  • 1 и 1/2 лажиче сол
  • вода по потреба (30-50 мл).

Подготовка:

  1. Во сад на оган ставете ги компирите да се варат,  а пред тоа измијте ги, излупете и пресечете ги на парчиња, а доколку сакате да го погледнете методот за најбрзо варење на компири кликнете овде.
  2. Откако компирите ќе се сварат исцедете ги и испасирајте ги.
  3. Исто така изрендајте го или ситно исечкајте го кромидот. Вака додаден без термичка обработка му дава на посните топчиња прекрасен, уникатен и на моменти крцкав вкус, а доколку не сакате многу да го чувствувате како решение предлагаме малку да го запржите. Одлуката останува на вашата желба.
  4. Иситнетите компири и кромидот, ставете ги во поголем сад за месење, а потоа додајте ги брашното, печивото, ориганото, солта и црниот пипер и на крај додадете го маслото. Количината на вода која ќе ја додадете може да варира од 30-50 мл зависно од тоа колку добро сте ги исцедиле компирите на почеток.
  5. Смесата убаво се меси со раце и треба да е мазна и доволно густа за да може да се оформат убави посни топчиња од компири. Големината на нашите топчиња беше малку поголема од лешник и нешто помала од орев, тоа може да го прилагодите по желба.
  6. Готовите топчиња пржете ги во поголема количина врело масло за да не им се расипе формата. Штом ги ставите во маслото тие ќе потонат, а кога се готови поруменуваат и се подигаат на површината. На почеток може да ги извадите од маслото врз хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија, а потоа да ги сервирате како што сакате.

На здравје!

Сподели: