Р’жани ѓевречиња со ајвар 1

Р’жани ѓевречиња со ајвар

„Уште еден превкусен рецепт од кујната на Сѐ за храна, со љубов креиран и припремен од мене! Направени со љубов и за уживање во вкусот. Намерата ми беше да изберам здрави состојки и од нив да добијам нешто вкусно, а а привлечно за јадење. Што се однесува на описот, овие р’жани ѓевречиња со ајвар имаат лесно приемлив вкус, меки се и погодни за носење за каде и да сакате. Сѐ на сѐ, одлични!“ – срдечно препорачува Катерина за рецептот.

Исто така, со нас споделува уште неколку совети од нејзиното искуство: „Спакувајте ги во сад кој се затвора со капак. Така ќе ја зачуваат и формата и вкусот, а потоа може да ги носите со себе на патување со возило, во ранец на планина, на работа, да им ги пратите на децата на училиште или да си ги сервирате дома со прилог по желба. Ние ги носевме на патување низ Македонија и го задржаа квалитетот потполно. Ви препорачувам да ги пробате! :)“

Р’жани ѓевречиња со ајвар 2

Состојки:

  • 300 грама р’жано брашно
  • 150 мл минерална вода
  • 3 полни лажици ајвар
  • 3 лажици маслиново масло
  • 2 лажици свежо цеден лимон сок
  • 1 лажиче химајска сол
  • сусам по потреба.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење, ставете го брашното, а потоа направете вдлабнатина во средината.
  2. Рамномерно додајте ја солта.
  3. Во вдлабнатината додајте ја водата, свежо цедениот лимонов сок, маслиновото масло и малку измешајте ја течноста.
  4. На крај додајте го ајварот и месете го тестото додека стане изедначено.
  5. Со навлажнети раце со вода оформете прво долгнавеста форма, а потоа спојте ги краевите во ѓеврече. Можеби ви е чудна оваа препорака, но е важна, затоа што кога рацете се натопени со вода може полесно да го формирате обликот, бидејќи р’жаното брашно не е лепливо како белото и малку е потешко за обликување.
  6. Влажната површина на ѓевречињата е одлична за на неа да посипете сусам.
  7. Вака припремените ѓевречиња (околу 20 зависно од големината бројот може да варира) наредете ги во претходно обложена тава и печете ги во добро загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути. На здравје!

Препорака од авторот:

Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина. 

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Интегрални варени ѓевречиња.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: