rolovani svincki snicli

Роловани свински шницли со кикирики

Не, ова не се сликани роловани свински шницли од елитен ресторан, туку станува збор за фантастичен рецепт приготвен во кујната на Катерина. Сигурно се изненадивте, нели?

Декорацијата, начинот на подготовка и комбинацијата на состојките, говорат за кулинарската дарба и креативност на нашата Кате. Рецептот е едноставен, но вреди да се проба!

роловани свински шницли

Состојки:

  • 4 свински шницли
  • 12 суви сливи
  • 12 печени несолени кикирики
  • 1 лажица путер
  • по потреба маслиново масло, сол, црн пипер.

Прилог:

  • 3 варени компири
  • 1 лажица путер
  • 1 гранче свеж рузмарин
  • 1 чешне лук
  • по потреба маслиново масло, сол, црн пипер.

Подготовка:

  1. Свинските шницли истолчете ги, посолете и наросете црн пипер.
  2. Во секоја од сувите сливи ставете по една печена несолена кикирика.
  3. Врз секоја шницла ставете по 3 сливи, завиткајте во ролат и прицврстете ги со чепкалки.
  4. Во тава на оган ставете ги путерот и малку маслиново масло.
  5. Откако ќе се загрее ставете ги ролованите шницли и пржете ги на среден оган.
  6. Повремено посипувајте ги со мрснотијата во која се пржат. Од испржените роловани шницли извадете ги чепкалките и исечете ги на парчиња.
  7. Сварените компири исечете ги на кругови, посолете и наросете црн пипер.
  8. Во тава на оган ставете го путерот да се растопи, па додајте малку маслиново масло да се загрее.
  9. Во тавата ставете ги гранчето рузмарин и чешнето лук.
  10. Пропржете ги колку да се ароматизира мешавината од масло и путер.
  11. Потоа извадете ги, па во тавата додајте ги круговите компир.
  12. Откако ќе се пропржат извадете ги на кујнска хартија да се впие вишокот мрснотија.
  13. Ролованите свински шницли послужете ги со пропржените компири и свежа салата по избор.

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Свински шницли во сос од печурки.

Сподели: