рустична солена торта со домати и бешамел

Рустична солена торта со домати и бешамел сос

Имаме нов рецепт и специјалитет! Ваква убава солена торта со домати и бешамел неможе да се најде ниту во еден ресторан. Креативноста на Катерина уште еднаш е докажана на дело!

Веруваме дека сликата ве освои и вам, па ајде во кујната и започнете со месење. Состојките кои се потребни за да ја направите оваа солена торта се едноставни и сигурно ги имате на располагање. На крај ќе добиете мека и сочна солена торта, полна со фил и преубав медитерански вкус.

солена торта со домати и бешамел

Состојки за тесто:

  • 300 брашно
  • околу ¾ чаша (од 200мл) млако млеко
  • 2 лажици неутрална павлака за готвење
  • ¼ лажичка сол
  • малку сода бикарбона.

За бешамел сос:

  • 150 мл млеко
  • 100 мл неутрална павлака за готвење
  • 4 полни лажици пармезан
  • 25 гр путер
  • 25 гр брашно
  • по потреба сол и црн пипер.

Други состојки:

  • 500 шери домати исечкани на четвртини (може да се користат било какви домати)
  • 2 чешниња сечкан лук
  • малку сув босилек, оригано, сол, црн пипер, маслиново масло.

Подготовка:

  1. Од состојките за тесто замесете средно меко тесто.
  2. Завиткајте го во најлонска фолија и оставете да отстои 30 минути.
  3. Во тава на оган ставете маслиново масло.
  4. Додајте ги шери доматите исечени на четвртинки и сечканото лукче.
  5. Наросете малку сув босилек, оригано, малку сол и црн пипер и пржете додека испари течноста што ја пуштаат доматите.
  6. Во тенџере на оган ставете го путерот да се растопи, па додајте го брашното.
  7. Откако брашното ќе се пропржи додајте ги стоплените млеко и павлака за готвење.
  8. Посолете, наросете пипер и мешајте додека се згусти.
  9. Потоа тргнете го тенџерето од оган, додајте го пармезанот и измешајте.
  10. Тестото расукајте го во округла кора и нанесете ја во кружен капал (или плех), со тоа што краевите да висат надвор од калапот.
  11. Ставете ги пржените домати, па врз нив бешамел сосот.
  12. Преклопете ги краевите кон среднината, но не до крај ( како што е на сликата).
  13. Печете на загреана рерна од 200 степени, за време околу 25-30 минути (зависно од рерната).

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Солена торта со компири и кашкавал.

Сподели: