салата со домати, марула, јајце и сланина 1

Салата со домати, марула и сланина

Гурманска салата со домати, марула, сланина и варени јајца, прелиена со вкусен сос од јогурт, мајонез и сок од лимон. Одлична идеја за вечера кога не сте премногу гладни или како дополнување на ручекот.

Вкусот на салатата со домати, марула, сланина, јајце и топло печен леб е одличен и ви препорачуваме да ја пробате! А по желба, оваа салата може да ја збогатите со рендан кашкавал или пармезан.

салата со домати, марула, јајце и сланина

Состојки:

  • 6 мали парчиња француски леб (багет)
  • 2 јајца
  • 2 домати
  • 2 чаши сечкани листови марула
  • 4 ленти чадена сланина

За прелив:

  • сол и црн пипер
  • 2 лажица свежо цеден сок од лимон
  • 2 лажици мајонез
  • 2 лажици јогурт или кисело млеко

Подготовка:

  1. Во мало тенџере на оган, на средна температура ставете вода и додајте ги јајцата да се варат. Варете ги за време од 7 до 8 минути. Варените јајца, извадете ги од тенџерето и ставете ги во сад со ладна вода. Штом малку се изладат, излупете ги и пресечете ги на четвртини.
  2. Во нелеплива тава на оган, на средна температура ставете ги лентите сланина да се пржат. Пржете ги од двете страни за време од 2 до 3 минути, додека сланината стане крцкава. Потоа, пржената сланина извадете ја од тавата и ставете ја врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
  3. Во тостер испечете ги парчињата леб. Доколку немате тостер, на загреена рингла на шпоретот ставете алуминиумска фолија. Врз фолијата ставете ги парчињата леб и печете ги од двете страни, додека поруменат.
  4. Доматите измијте ги и исечете ги на парчиња.
  5. Во длабок сад ставете го мајонезот, јогуртот, сокот од лимон, посолете и зачинете со мелен црн пипер. Измешајте ги состојките за преливот.
  6. Во две чинии ставете половина од марулата и додајте половина од преливот за салата. Измешајте ги убаво. Врз марулата ставете ги парчињата печен леб, сланината и доматите. Посолете и зачинете со црн пипер. Готовата салата послужете ја веднаш. На здравје!

Сподели: