salata-so-oriz-1

Салата со ориз, краставица и печен сусам

Сите обожаваме кремасти салати, но многумина од нас внимаваат на својата линија и здравје. Затоа се трудиме да креираме здрави рецепти за кремасти салати кои не содржат мајонез, месни преработки и други калорични состојки, конзерванси и адитиви. 

Го обожаваме мирисот на печен сусам, свежината на краставицата и аромата на маслинките, па затоа ги споивме во една интересна комбинација за кремаста салата со ориз, на која наместо мајонез и додадовме јогурт и урда. Рецептот е вегетаријански и не содржи глутен, па топло ви препорачуваме да го пробате уште денес! Една порција од оваа салата содржи 250 калории, 26 грама јагленохидрати, 10 грама масти, 10 грама протеини и 4 грама растителни влакна.

салата со ориз

Состојки:

  • 1 чаша интегрален или бел ориз
  • 1 сечкана краставица
  • 4 лажици сусам
  • 3 полни лажици урда
  • 15 сечкани маслинки
  • 120 мл јогурт
  • сол и црн пипер.

Подготовка:

  1. Во тенџере ставете 2 чаши вода да се варат. Во врелата вода додајте го оризот, а тенџерето покријте го со капак, намалете ја температурата и оставете го на тивок оган да се вари за време од 20 до 30 минути.
  2. Варениот ориз тргнете го од шпоретот и оставете го да се излади.
  3. Краставицата излупете ја и исечкајте ја на мали коцки. Маслинките исчистете ги од семките, а потоа исечете ги на мали коцки.
  4. Сусамот ставете го во тава на оган и пропржете го.
  5. Во длабок сад ставете го оризот и урдата. Измешајте ги убаво за да се соединат. Во садот со оризот додајте ја сечканата краставица, сусамот, маслинките, јогуртот, посолете по вкус и наросете мелен црн пипер.
  6. Салата со ориз, краставица и маслинки може да ја послужите веднаш, но најдобро е да ја оставите во фрижидер за време од 2 до 3 часа, пред служењето. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Посна салата со ориз, леќа и печурки.

Сподели: