штитна жлезда

Симптоми кои укажуваат на неправилна работа на тироидната жлезда

Дали секојдневно сте уморни без причина? Имате проблем ли со килограмите и покрај тоа што внимавате што јадете? Дали косата ви опаѓа? Или можеби сте анксиозни и се потите повеќе од обично? Можеби причинител на сите овие проблеми е неправилната работа на тироидната жлезда.

Штитната жлезда или тиреоидеата е голем регулатор на телото и умот, а во поединечни случи може да предизвика многу проблеми, посебно кај жените. Кога штитната жлезда е во прашање, најважно е навремено да се открие причината и да се лекува на правилен начин за да не дојде до поголеми здравствени проблеми.

Која е улогата тироидната жлезда во организмот?

Тиреоидеата е жлезда во облик на пеперутка која се наоѓа на предната страна на вратот. Таа произведува хормони кои ја контролираат брзината на метаболизмот. Проблемите со штитната жлезда може да го забават метаболизмот како резултат на нарушеното производство на хормони. Кога нивото на хормони е повисоко или помало, може да се јават разични симптоми.

работа на тироидната жлезда

Губење или зголемување на килограмите

Необјаснетата промена на телесната тежина е еден од најчестите показатели за неправилна работана на штитната жлезда. Дебелеењето може да биде знак на недостаток на хормони (хипотиреоза), додека наглото слабеење е обично знак дека телото произведува повеќе хормони него што е потребно (хипертиреоза).

Потечен врат

Отокот или зголемување на вратот е видлив знак дека нешто не е во ред со тироидната жлезда. Тоа може да биде показател на недостаток или вишок на хормони, но и на други заболувања на жлездата.

Промена во брзината на отчукувањето на срцето

Хормоните на штитната жлезда влијаат речиси на сите органи во телото, а може да предизвикаат и промени на брзината на отчукувањето на срцето. Луѓето со помалку хормони може да забележат дека срцето им отчукува побавно него вообичаено. За разлика од нив, лицата кај кои производството на хормони е зголемено, може да забележат засилено чукање на срцето. Тоа може да доведе до зголемување на крвниот притисок, силно чукање на срцето или аритмија.

Промени во расположението и енергијата

Проблемите со штитната жлезда имаат големо влијание на нивото на енергија и расположение. Хипотиреозата може да ве направи уморни, безволни и депресивни, додека хипертиреозата предизвикува анксиозност, проблеми со спиењето и нервоза.

Губење на косата

Ова е уште еден симптом кој покажува дека тиреоидините хормони излегле од колосек. И недостатокот и прекумерното лачење доведуваат до губење на косата. Кај поголемиот број на лица, штом производството на хормони се регулира, косата започнува повторно да расте.

Премногу ви е жешко или ладно

Неправилната работа на штитната жлезда може да ја наруши способноста на телото да ја регулира телесната температура. Лицата кои имаат хипотиреоза најчесто се зиморливи, додека на другите им е секогаш топло.

Други симптоми предизвикани од неправилната работа на штитната жлезда

Хипотиреоза

  • Сува кожа и кршливи нокти
  • Трпнење на рацете
  • Запек.

Хипертиреоза

  • Неправилен менструален циклус
  • Слабост во мускулите и тремот во рацете
  • Проблеми со видот
  • Дијареја.

Со оглед на тоа што има многу да се пишува на оваа тема, за почеток сакавме да ве запознаеме со симптомите, а потоа ќе напишеме која храна се препорачува при двете состојби, односно зголемено лачење или недостаток на тиреоидни хормони.

Ви предлагаме да прочитате: Ореовка со мед – ликер од млади оревчиња.

Сподели: