опаѓање на косата - превенција

Совети и природна маска за помош при опаѓање на косата

Проблемот со опаѓање на косата е се почест во денешно време, и иако оваа појава не го загрозува човечкиот живот или виталните функции на телото, во голема мера влијае на социјално општествениот живот на луѓето. Почесто се јавува кај мажите, а помалку кај жени, а во ниеден случај не е пријатна појава. Никој не би можел да ги измени гените кои ги носи, но затоа преку здрава исхрана и правилна нега, процесот на губење на косата барем би се ублажил или одложил за што понатаму.

Косата од секогаш се сметала за украс и израз на женственост кај понежниот пол, како и машкост кај посилниот пол. Уште од минатото косата имала култна почит, а кога за прв пат, некаде 4000 години пред нашата ера, била забележана ќелавост старите Грци и Римјани, правеле верски обреди за „истерување“ на лошиот дух од луѓето. Во денешно време таквите обреди не се практика, но важноста на косата во психата на човекот е доволно голем фактор за истражување и примена на различна помош. Засиленото опаѓање на косата е проблем кој може да се јави во било која доба од животот. Ќелавоста може да биде наследна или стекната, а се јавува како резултат на агресивни козметички препарати, несоодветна исхрана, стрес, ненадеен шок, хронична настинка, грип, анемија и други состојби во организмот.

Иако се смета дека опаѓањето на косата е најчесто проблем на мажите, во последно време со овој проблем се соочуваат се поголем број на жени. Речиси 40% од женската популација до својата 40-та година имаат видливо проретчување на косата. Секој ден од косата опаѓаат од 80 до 100 влакна, кои во наредните месеци се заменуваат со нови. На тој начин косата го задржува својот волумен. Но, доколку забележите дека опаѓањето на косата е засилено, добро е навремено да се реагира и да се побара стручна помош. Коренот станува се потенок и косата започнува да се опаѓа од фронталниот дел на главата, а често се јавува и проблем со прекумерно мрсење на истата. Опаѓањето продолжува кон темето, а со текот на времето косата опаѓа на поголема површина од главата. Ова опаѓање е резултат на ефектот на андрогените хормони и најчесто се јавува кај мажите.

опаѓање на косата - превенција

Храна која ја зајакнува и помага во превенција против опаѓање на косата

Правилната исхрана е значајна за убава и цврста коса. Дури и делумен недостаток од некоја хранлива компонента може да предизвика опаѓање на косата. Недостаток од витамин Б6, фолна киселина или железо може да доведе до опаѓање на косата. Кога потребите на организмот со овие витамини и минерали се задоволат, косата започнува нормално да расте. Затоа при опаѓање на косата се препорачува да се јаде храна богата со витамините од групата Б, цинк и железо. Најдобри извори на овие витамини и минерали се пченица, овес, лук, праз, зелка, леќа, лешници, ореви, соја, пивски квасец, ленено семе. Овие намирници го активираат клеточниот метаболизам на косата и влијаат за побрз раст. Од чаевите се препорачуваат: коприва, камилица, анасон, жалфија и рузмарин.

Маска од банана против опаѓање на косата

Бананата е одлична за подобрување на растот на косата, а корисна е и за нега на сува и мрсна коса. Многу е богата со витамини и минерали, а од неа може да направите и природна маска против опаѓање на косата.

Состојки:

  • 1 банана
  • 3 капки бадемово масло.

Подготовка:

  1. Бананата изгмечете ја, па додајте ги капките бадемово масло и промешајте.
  2. Со маската истријте го коренот на косата, а потоа замотајте ја со крпа и оставете да стои половина час.
  3. На крај, измијте ја косата со соодветен шампон. Маската можете да ја применувате на сите типови коса.

За да го намалите опаѓањето на косата, освен исхраната, спијте доволно, намалете го стресот, имајте прошетки во природа и редовно негувајте се, а песимизмот заменете го со оптимизам. Позитивните промени ќе делуваат на вашето тело, на вашата кожа и коса.

Сподели: