Солена торта со спанаќ и изварка без глутен

Многумина велат: „Здравјето е најважно“, а и ние се сложуваме со нив. Затоа постојано сме во потрага на вкусни и здрави рецепти, со лесно достапни состојки кои може да ги припреми секој без разлика на кулинарското искуство.

Овој пат во нашата кујна, креиравме лесен рецепт за здрава солена торта со спанаќ и изварка, каде што наместо бело брашно се користи пченкарно брашно, со што оваа пита може да ја консумираат и лица кои имаат интолеранција на глутен. Солената торта е вегетаријанска, богата со протеини и растителни влакна и не содржи квасец.

солена торта со спанаќ

Состојки:

  • 2 јајца
  • ½ чаша пченкарно брашно
  • 2 чаши исечкан обарен спанаќ
  • 1 чаша изварка
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Рерната приклучете ја да се загрее на 250 степени.
  2. Во длабок сад за матење ставете ги јајцата. Изматете ги со миксер додека се добие густа кремаста смеса.
  3. Обарениот спанаќ добро исцедете го од водата.
  4. Во садот со изматените јајца додајте ги исечканиот обарен спанаќ, урдата, пченкарното брашно, прашокот за печиво и посолете по вкус. Состојките измешајте ги со лажица за да се добие хомогена смеса.
  5. Во тава со големина бр.26, ставете хартија за печење. Во тавата додајте ја смесата од јајца, спанаќ и урда и убаво израмнете ја.
  6. Солената торта со спанаќ ставете ја во загреаната рерна и печете за време од 15 минути, додека добие бледо румена боја. Потоа, извадете ја тавата од рерната и покријте ја со кујнска крпа. Оставете ја кратко време да се излади за време од 5 до 10 минути, а потоа исечете парчиња и послужете со кисело млеко или чаша јогурт по желба. Здравата солена торта со спанаќ и изварка е многу вкусна и кога се служи изладена. На здравје!

Сподели: