Сочен куглоф со тиква и портокали

Ова е време на тиквите! Па, затоа ви ги предлагаме највкусните домашни и испробани рецепти со тиква. Овој пат ви нудиме малку поразличен куглоф со тиква, кој е прелиен со свежо цеден сок од портокали и лимон.

Изгледа привлечно, а комбинацијата на состојки ветува одличен вкус.

куглоф со тиква

Состојки:

  • 200 гр пире од тиква
  • 125 гр шеќер
  • 125 гр путер
  • прстофат сол
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 3 јајца
  • 250 гр брашно
  • ½ ќесичка прашок за печиво
  • 1 полна лажица чоколаден крем од лешници (во замена може да користите домашна нутела)

За прелив:

  • 2 портокали
  • 1 лимон
  • 150 гр шеќер
  • чоколаден бел прелив и перли.

Подготовка:

  1. Изматете го путерот со шеќерот и ванилата (3 – 4 минути). Додајте ги јајцата едно по едно, при што секое ќе го матите околу една минута. Измешајте ги брашното, солта и прашокот за печивото, па додавајте ги наизменично со пирето од тиква. Мешајте полека и внимателно додека целата смеса убаво се изедначи.
  2. Истурете 2/3 од смесата во намрсен калап за куглоф. Во останатата третина додајте го чоколадниот крем и измешајте. Потоа, чоколадната смеса додајте ја во калапот и со виљушка или стапче за ражничи измешајте.
  3. Куглофот печете во загреана рерна на 175 степени за време од 40 до 50 минути.
  4. Печениот колач кога малку ќе подизлади (по 15-20 минути) одвојте го од калапот и повторно вратете го назад.
  5. Во меѓувреме направете го сирупот. Исцедете ги портокалите и лимонот. Цедениот сок измешајте го со шеќерот во тенџере. Тенџерето со сокот ставете го на оган на умерена температура додека се растопи шеќерот па тргнете на страна. Оставете го за време од 10 минути да се излади.
  6. Топлиот колач, избодете го со виљушка на неколку места и прелијте го со топлиот сируп. Оставете го убаво да се впие, па превртете го на чинија за сервирање. Готовиот куглоф со тиква прелијте го со чоколаден бел прелив и украсете со перли или пак послужете го со шлаг. На здравје!

Рецептот го испратил: Клара Бос.

Ви предлагаме да прочитате: Едноставен шарен куглоф.

Сподели: