колачиња со фил во форма на срце

Сочни колачи во форма на срце

Кога се готви со љубов, се креираат најубавите и највкусни рецепти. А токму со голема љубов Катерина ги направи овие преубави сочни колачи во форма на срце.

Колачињата со фил во форма на срце се идеални за сите домашни прослави, свадба, веридба, Св.Валентин или пак може да ги направите и да го изненадите партнерот. Може да ги направите, спакувате и подарите на некој кој ви е многу драг. Катерина вели: „Од оваа доза излегуваат 7 тортици, може слободно да дуплирате, се јадат ептен брзо!“

колачи во форма на срце

Состојки:

  • 4 јајца
  • 5 лажици шеќер
  • 5 лажици брашно
  • 2 лажици масло
  • 1 лажица афион
  • 8 гр пециво
  • 1 ампула (од 2мл) екстракт од рум.

Фил:

  • 250 мл млеко
  • 3 лажици гриз
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 40 гр шеќер
  • 50 гр путер
  • 30 гр бело млечно чоколадо.

За чоколадирање:

  • 180 гр чоколадо за готвење со 50% какао
  • 3 лажици масло
  • неколку кандирани цреши.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Со миксер изматете ги пенесто додека шеќерот се растопи.
  2. Во садот додајте го маслото и продолжете уште малку со матењето.
  3. Во длабока чинија измешајте го брашното, прашокот за печиво, семето од афион и румот.
  4. Смесата од брашното додајте ја во садот со матените јајца. Измешајте убаво со жица.
  5. Истурете ја смесата во плех обложен со хартија. Печете во загреана рерна на 180 степени за време од 15 минути.
  6. Испечениот пандишпан оставете го да олади, а потоа од истиот со калап во форма на срце вадете мали срциња.
  7. Во тенџере на оган ставете ги млекото, гризот, ванилата и шеќерот. Мешајте додека филот се згусти, а потоа оставете да се олади.
  8. Белото чоколадо растопете го на пареа. Путерот пенесто изматете го, па додајте го оладениот фил и претходно растопеното бело чоколадо. Филот изматете го со миксер.
  9. Земете едно пандишпан срце и нанесете од филот. Поклопете со друго пандишпан срце.
  10. Истото направете го и со останатите пандишпан срциња и фил.
  11. Колачите ставете ги во фрижидер да се стегнат.
  12. Во меѓувреме на пареа растопете го чоколадото со маслото.
  13. Изладените колачи во форма на срце потопете ги во растоеното чоколадо. Оставете ги на хартија за печење да се стегне чоколадото.
  14. Украсете по желба (јас со кандирани цреши).

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви препорачуваме да прочитате: Мафини со срце во внатрешноста.

Сподели: