здрава храна

Со здрава храна до подобар живот – sezahrana.mk за HDTV MEGA

Брзото темпо на живот наметнува поинаков режим на исхрана, така што голем дел од популацијата, вклучувајќи ја ризичната група – децата, се повеќе користат брза исхрана, отколку домашно приготвен или свеж оброк. Стручните лица велат дека здравата храна е основа за здрав живот и само таа може да доведе до правилен раст и развој на младата популација, па заради тоа препорачуваат да се јаде здрава храна и да се практикува умерена физичка активност.

М-р Катерина Шамбевска, основач на sezahrana.mk и член на Здружението за едукација и кулинарство Се за храна за HDTV MEGA, на оваа тема изјави: „Препорачуваме што повеќе да се информираат за здравата храна и да запомнат дека здравата храна не е таа што е скапа, туку скапо е нашето здравје. За истите пари кои ги имаме можеме да купиме и здрава храна и нездрава храна. Наместо да купуваме некои намирници кои не се здрави, а и на декларациите убаво им пишува, апелираме истите подобро да се читаа. Најдобро е храната да се набавува на пазарите кои изобилуваат со свежи овошја и зеленчуци и може да се купи било која храна која е здрава, богата со витамини, минерали, растителни влакна и антиоксиданси, кои се одлични за превенција од кардиоваскуларни заболувања, канцери, остепороза итн…“

Со оглед на тоа што голем број луѓе имаат проблем со дебелината М-р Марија Кочовска, основач на sezahrana.mk и член на Здружението за едукација и кулинарство Се за храна вели дека треба да се обрне внимание на главните фактори кои влијаат за здебелување: „Како главни фактори се наведуваат неправилната исхрана, односно небалансираниот и неадекватен внес на хранливите материи како што се јаглените хидрати, протеините и мастите, потаму прекумерната консумација на додадени шеќери и рафинираните јагленихидрати, кои што ги имаме во белото брашно и производите од бело брашно. Друг значаен фактор е недоволната физичка активност, така што голем дел од повозрасното население не е физички активно и не ги следи препораките за 30 минутна умерена дневна активност. “

Според резултатите од првата студија за исхрана на возрасните што ја направи Институтот за јавно здравје, а со која е опфатено населението на возраст над 18 години, во Македонија половина нација има вишок килограми, а над 18% се соочуваат со дебелина.

Сподели: