сучена баклава

Сучена баклава со ореви

Сигурно и вие ќе се согласите дека баклавата направена со домашно месени кори е највкусна. Токму затоа ви го претставуваме рецептот за сучена баклава со фил од ореви.

Можеби досега не сте правеле сучена баклава, а сега секој ќе може да го направи омилениот рецепт за баклава, преку одличните инструкции кои ни ги дава Дијана.

сучена баклава

За кори:

  • 4 јајца
  • низ прсти сол
  • низ прсти шеќер
  • 1 чаша млако млеко
  • 1 чаша масло
  • 1 кафено лажиче свеж сок од лимон
  • по потреба брашно.

За фил:

  • 400-500 грама сечкани ореви
  • 4 лажици шеќер
  • 200 грама пченкарен скроб
  • 200 грама путер (во замена може да користите маргарин)
  • 160 мл масло.

Шербет:

  • 1,5 кг шеќер
  • 1,5 л вода
  • 3 ќесички ванилин шеќер
  • сок од 1/2 лимон.

Подготовка:

  1. Во длабок сад се кршат јајцата и се матат со виљушка. Во садот се додаваат шеќерот и солта, па млекото, маслото, лимоновиот сок и на крај брашното по потреба, за да се замеси средно меко тесто.
  2. Добро измесеното тесто се дели на 3 дела. Од секој дел вадиме по 20 топчиња, така што треба да добиеме вкупно 60.
  3. Пченкарниот скроб го ставаме во длабока чинија.
  4. Секое топче го ставаме во чинијата со скробот од двете страни, а потоа го сучиме во мала кора со пречник околу 15см. Кората ја тргаме настрана и ја посипуваме со нишесте.
  5. Истата постапка ја повторуваме и со следните 4 топчиња. Корите од 5-те топчиња ги редиме една врз друга, а помеѓу секоја ставаме скроб.
  6. Потоа од нив сучиме 1 кора која треба да е тенка. Ја ставаме на чаршав да се суши додека ги подготвуваме другите кори на ист начин, од по 5 топчиња. На крај треба да добиете 12 големи кори наредени врз чаршавот.
  7. Следно е редењето во тава за печење со пречник од 36 см. Се ставаат 4 кори, една врз друга, па се додава половина од сечканите ореви помешани со 2 лажици шеќер. Потоа уште 4 кори, па другата половина од сечканите ореви со шеќер и последните 4 кори.
  8. Баклавата се сече на ромбоиди со помош на остар нож. Сечењето можи да биде во форма на цвет.
  9. Пред да ја ставиме да се пече ја прелеваме со жешката мешавина од путерот и маслото. Го растопуваме путерот заедно со маслото на оган и полеваме со лажица над баклавата. Оставаме малку време за да се впие путерот во корите.
  10. Баклавата се става да се пече во загреана рерна (5 минути на 200 степени), потоа 20 минути на 250 степени. Потоа тавата ја покриваме со алуминиумска фолија и ја намалуваме температурата на 180 степени во следните 25 минути. На крај, температурата ја намалуваме на 150 степени и продолжуваме со печење уште 60 минути. Важно е да се пече на овие температури, најпрво на појако за да разлиста, а потоа се намалува на умерено, па потивко за убаво да изврие. Печената баклава ја оставаме целосно да се излади.
  11. Шербетот го подготвуваме на тој начин што шеќерот и водата ги ставаме да зовријат на силен оган, а потоа намалуваме на умерен оган и продолжуваме со варење уште 25 минути, додека ја добие потребната густина. Штом зоврие шербетот и се изгуби пената, го додаваме лимоновиот сок. Пред крај се додава ванилиниот шеќер. Варениот шербет го оставаме да излади малку, да биде топол и тогаш со црпалка дел по дел ја поливаме баклавата.
  12. Една чаша од шербетот ставаме на оган да зоврие кратко време, па оставаме малку да се излади и се долева врз баклавата, за да има убав сјај.
  13. Вака приготвената сучена баклава со ореви ја оставаме неколку часа, најдобро 1 ден, па ја послужуваме. На здравје!

Рецептот го испратил: Дијана Талевска.

Ви препорачуваме да прочитате: Баклава со ореви и цимет.

Сподели: