Тиквички – идеална храна при диета

Тиквичките може да се најдат во различни големини, облици и бои, а се делат на летни и зимски. Некои сорти на тиквички потекнуваат од Индија, а некои од Америка. Достапни се преку целата година, но тиквичките се најдобри во сезоната од крајот на мај, па се до август.

Кога ги купувате на пазар, внимавајте кората да е сјајна, неоштетена и свежа. Тврдата кора покажува дека тиквичката е зрела или презреана. По купувањето чувајте ги во најлонска ќеса во фрижидер. Можете да ги замрзнете, но по одмрзнување ќе бидат многу меки со намален квалитет.

Енергетската вредност на 100 грама тиквички е 17 калории. Тие не содржат заситени масти и холестерол. Во својот состав, тиквичките содржат 3.4% јаглени-хидрати, 1.2% протеини и 0.2% масти. Од минералите, тиквичките ги содржат: калиум, магнезиум, фосфор, бакар, железо, цинк и калциум. Калиумот го штити здравјето на срцето, а заедно со магнезиумот и калциумот помагаат за намалување на крвниот притисок. Нивното влијание врз регулацијата на мастите и шеќерот во крвта се позитивни и значајни како превентива против атеросклероза, срцев удар и мозочен удар. Тие се одличен извор на витамин Ц, витамините од Б комплексот – тиамин, рибофлавин, ниацин, пантотенска киселина, фолна киселина, пиридоксин и витамин К.

тиквички

Благодарение на високиот процент на вода и растителните влакна, тиквичките се идеални при диети и здрава исхрана, превенираат појава на запек и го намалуваат ризикот од канцер на дебелото црево.

Редовното консумирање на тиквички помага за намалување на покачениот холестерол и триглицеридите во крвта. Тиквичкитe особено се препорачуваат за дијабетичарите, бидејќи ја намалуваат ресорпцијата на глукозата во организмот. Додека пак, фитонутриентите кои се во состав на тиквичките, делуваат антиканцерогено, бидејќи спречуваат мутирање на клетките.

Доволно причини за да ги вклучите во исхраната, нели?

Ви предлагаме да прочитате: Ќофтиња од тиквички и бајат леб.

Сподели: