Традиционален Велигденски милиброд (козињак) 1

Традиционален Велигденски милиброд (козињак)

Како би можело да го прославиме доаѓањето на Велигден ако не направиме и каснеме традиционален велигденски милиброд? На многу места во нашата земја има различни имиња, па може да слушнете и козињак, плетенка од тесто и слично. Во секој случај, станува збор за неизбежното, совршено вкусно и слатко Велигденско лепче кое мора да се проба.

Весна го споделува рецептот, а со големо задоволство и ние со сите вас. Еве што дознавме за ова традиционално богатство од неа „ Во моето детство, милибродот беше задолжителен за Велигден, а гледам и сега е, и мило ми е… Тоа е наша традиција, толку богата…Рецепти има многу, во некои краеви се вели козињак, а кај нас милиброд и чурек… Мајка ми секогаш милибродот го правеше и сеуште си прави, со мармалад, па еден ролат со мармалад од сливи, еден со мармалад од смокви, трет само со ореви, локум, убавина… Најмногу ги сакам со ореви и локум. Кај нас е традиција милибродот и чурекот да се јаде со јајце, ете тој благо-солен вкус, преубаво.“

Традиционален Велигденски милиброд (козињак) 2

Состојки:

  • 1 кг брашно
  • 1 квасец со малку шеќер
  • 300 мл млеко
  • 300 мл вода
  • 200 гр шеќер
  • 100 мл масло
  • 1-2 јајца
  • 100 гр маргарин или путер
  • 2 ќесички ванилин шеќер
  • кора од лимон.

За одозгора:

1-2 жолчки со малку млеко.

Подготовка:

  1. Квасецот се става да нарасне со малку шеќер и малку брашно во млака вода.
  2. Пред да се започне со месење, брашното се просејува во сад за месење.
  3. Во садот се додаваат сите состојки, освен маргаринот и се меси меко тесто.
  4. Маргаринот се топи и се остава да се излади, па се додава на крај од месењето.
  5. Добро измесеното тесто се покрива со најлонска фолија и се остава околу 1.5 час за да нарасне.
  6. Нараснатото тесто се дели и се плети. Секој дел се дели на 3 дела, се формираат долги парчиња и се плетат плетенки. Во плетенките по желба може да додадете ореви, суво грозје, локум, суво овошје… Ако сакате да направите тркалезно венче со место за јајце, на средината ставете топка од алуминиумска фолија.
  7. Готовите козињаци ставете ги во намрсени калапи или тави и повторно оставете ги да нараснат, а овој пат околу 30 минути.
  8. На крај, премачкајте со мешавина која сте ја подготвиле од жолчките и млекото и печете на 180 степени, околу 35-40 минути.

За крај, Весна додава „Меки како памук, со конци, се побудалевме за конците веќе. Милибродот испробан од многумина, сите презадоволни. Пријатно јадење!“

Рецептот го испратил: Весна Рор, vesnarohrrecepti.com.

Ви препорачуваме да прочитате: 5 избрани рецепти за велигденски козињак (плетенка, милиброд).

Сподели: