Тропска овошна торта 1

Тропска овошна торта

Ако сакате лесна торта за правење, превкусна за јадење и десерт кој ќе го воодушеви секој кој ќе ја проба, морате да ја пробате нашата тропска овошна торта!

Рецептот доаѓа директно од нашата кујна, а бидејќи ни е испробан многу пати од срце го споделуваме со сите вас. Лесна, свежа, преубава за лик, може да се каже дека нема мана, а најдобро ќе знаете ако ја пробате. Овој вкус дефинитивно не се заборава!

Тропска овошна торта 2

Состојки:

За пандишпан:

  • 5 лажици Екстра бело брашнно од Жито Лукс
  • 6 јајца
  • 10 лажици шеќер
  • 100 гр сечкани ореви
  • 100 гр рендано црно чоколадо
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 1 кесичка ванилин шеќер.

За фил:

  • ½ литар слатка павлака
  • 1 пудинг од ванила
  • 3 лажици шеќер
  • 250 мл млеко
  • ½ кг банани
  • ½ кг киви.

За декорација:

  • 1 кесичка желатин
  • околу 80 мл топла вода
  • прехранбена боја по желба.

Подготовка:

  1. Најпрво се подготвува пандишпанот. Одделете ги белките од жолчките и изматете ги во посебни садови. Прво матете ги белките додека се претворат во цврст снег, а потоа изматете ги жолчките додека постигнат убава густина и се знае траг по маталките на миксерот.
  2. Изматените жолчки додајте ги во садот со белките и измешајте со помош на лажица.
  3. Потоа во садот додајте го брашното, печивото, ванилиниот шеќер, оревите и ренданото чоколадо. Со лажица измешајте ја смесата за да се соединат состојките.
  4. Така припремената смеса ставете ја да се печи во претходно припремена тава со големина број 32, обложена со хартија за печење.
  5. Прво печете во претходно загреана рерна на 180 степени, а откако ќе се запечи пандишпанот намалете ја температурата на 100 степени за убаво да се изврие внатрешноста.
  6. Изладениот пандишпан оставете го 10-тина минути малку да се излади и отстои во тавата во која се печел, а потоа извадете го од неа.
  7. Започнете со подготовка на филот. Млекото ставете го на оган за да зоврие, а потоа во него додајте го разбиениот прашок за пудинг со 3-те лажици шеќер. Мешајте постојано за да се оформи пудинг без грутчиња. Готовиот пудинг оставете го да се излади.
  8. Во меѓувреме исечкајте ги бананите и кивите на коцки, а пред тоа оставете неколку парчиња во вид на кругови, кои подоцна ќе ги искористите за декорација.
  9. Слатката павлака ставете ја во длабок сад за матење и убаво изматете ја со миксер.
  10. Изладениот пудинг додајте го во садот со слатката павлака и повторно матете со миксерот за да се соедини смесата.
  11. Потоа во садот додајте го и исечканото овошје и промешајте со помош на лажица.
  12. Печениот и изладен пандишпан ставете го врз подлога за торта или погодна основа, а потоа врз него рамномерно нанесете го филот.
  13. Желатинот ставете го во сад на оган да се раствори во топлата вода, но не да зоврие. Потоа оставете го малку да се излади, но не да се здрави. По желба додадете и прехранбена боја (ние избравме црвена).
  14. На крај, одозгора поставете ги круговите овошје и завршете ја декорацијата со припремениот желатин така што ќе го турите на одозгора на тортата.

На здравје!

Сподели: