бадникови колачи

Традиционални бадникови колачи по рецепт од Бигорски манастир

Приготвувањето на вкусните традиционални јадења за време на празниците се симбол и обележје на македонската кујна и народ. Во различните краеви на Македонија, постојат најразлични традиции за обележувањето на Божиќните празници, како приготвување на бадникова погача со паричка, бадникови питулици, коледарски лепчиња, бадникови колачи, посна сарма, печена тиква

На страната на Бигорски манастир Св. Јован Крстител го пронајдовме рецептот за традиционалните бадникови колачи кои им се делат на дечињата, кои на Бадник ги посетуваат христијанските домови, и носејќи пештери со икони во рацете, пеат каланди (божикни песни), објавувајќи им ја на сите радосната вест за Раѓањето на Спасителот Христос. Покрај овие колачиња, домаќинката – христијанка на децата кои ќе го посетуваат нејзиниот дом во навечерието на Божиќ, им дели костени, ореви, суво овошје и сл.

бадникови колачи

Состојки:

  • 1 кг брашно
  • 1 голема супена лажица сув квасец (или 1 коцка свеж квасец)
  • 1 шолја шеќер
  • 1 голема супена лажица масло
  • ¼ мало лажиче сол
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • млака вода по потреба
  • посни чоколадни топчиња.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење се става пресеаното брашно, сувиот квасец, шеќерот, маслото, солта и ванилиниот шеќер.  Во садот се додава млака вода во потреба и се замесува тесто, кое не треба да биде ни многу меко ниту премногу тврдо.
  2. Се прават топчиња и од секое топче се прави тесто во форма на цилиндар. Секој цилиндар, со големина од приближно 10 см. се изработува така што од горниот дел се прави мало топче во форма на глава, која не се одделува од остатокот од тестото, а од другиот дел се дооформува тело, така што главчето и телото се неразделени.
  3. На средината од телото се ставаат две до три мали чоколадни топчиња или топчиња направени од смеса од локум, шеќер во прав и малку брашно и прехранбена боја (црвена, жолта, зелена и сл.) кои изгледаат како копчиња на телото на колачето. На главчето се ставаат чоколадни очиња, црвено носе и мало усте, така што колачето изгледа како мало бебенце кое всушност го претставува новородениот младенец Христос.
  4. Колачињата се редат во тава обложена со хартија за печење и се оставаат за време од 15 минути за да нараснат.
  5. Потоа се печат во загреана рерна на 250 степени додека заруменат. Печените бадникови колачи се оставаат да изладат, а потоа им се делат на децата кои на Бадник го посетуваат домот.

Сподели: