гурабии со цреши

Турски гурабии со цреши

Интересна комбинација на познатите гурабии дополнети со вкус на цреши и лешници. Рецепт за малите, сочни колачиња кои се ронат и топат во устата, овој пат збогатени со цреши ни испрати Диана, а истиот е објавен на нејзиниот блог Trydiani.

Сега е сезона на црешите, па ако ви се каснува благо и обожавате гурабии, нема да погрешите ако го испробате овој рецепт.

гурабии со цреши

Состојки:

  • 110 грама путер
  • 150 грама пченкарен скроб (нишесте)
  • 150 грама брашно
  • 125 грама шеќер во прав
  • 1 јајце
  • 1 ќесичка ванилин шеќер или арома од ванила
  • прстофат сол.

За фил од цреши:

  • 1 чаша цреши исчистени од семките
  • ½ чаша шеќер (може и помалку во зависност од блажината на црешите)
  • 1 лажица нишесте
  • 1 мала лажица свеж сок од лимон
  • 1 мала лажица ликер од цреши или бадеми
  • ½ чаша лешници
  • ¼ чаша бадеми во листови
  • шеќер во прав за декорирање по желба.

Подготовка:

  1. Прво се приготвуваат црешите за фил. Исчистените цреши со шеќерот се ставаат во сад и се мешаат. Во садот со цреши се додаваат сокот од лимон и ликерот, па се оставаат за време од 1 час и повремено се мешаат за да се растопи шеќерот.
  2. Во мал сад се става лажицата скорб и се додава од сокот од лимон. Се меша за да се добие каша.
  3. Тенџерето со црешите се става на оган на умерена температура да се вари. Во тенџерето се додава скробот и се меша. По две до три минути, црешите се вадат, а со варењето се продолжува додека се згусти сосот.
  4. Штом сосот ќе се згусти, тенџерето се трга од огнот, се додаваат црешите и се остава да се изладат. Во внатрешноста на секоја цреша се ставаат потпечени лешници или бадеми.
  5. Во меѓувреме пригответе го тестото. Путерот изматете го со миксер, а потоа додајте го шеќерот во прав и продолжете со матењето. Во сместа додајте ги јајцето, ванилилниот шеќер, солта, нишестето и продолжете да матите со миксерот. На крај додајте го брашното, па тестото замесете го со рака. Добро месеното тесто, формирајте го како топка, завиткајте го со стреч фолија и ставете го во фрижидер за време од 30 минути.
  6. Од изладеното тесто, формирајте топчиња со големина на орев, а потоа нежно притиснете ги и во средината направете длабнатина. Во неа ставете една цреша и поросете со листовите бадеми. Турските гурабии редете ги во тава обложена со хартија за печење. Печете ги во загреана рерна на 175 до 200 степени за време од 12 до 15 минути. Потоа, извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат. По желба може да ги поросите со шеќер во прав. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Освежителен кремаст десерт со цреши и лиснато тесто.

Сподели: