Уштипци со брокула

Уштипци со брокула

Одличен лесен вкус на јадење богато со зеленчук. Прекрасен спој на состојки кои ни ги избра Катерина М и нé почести сите нас со супер рецепт за симпатични уштипци со брокула. Потребно е да издвоите само малку време и да ги направите, затоа што навистина се вредни за секоја издвоена минута!

Да дознаеме нешто повеќе за брокулата

Брокулата е зеленчук кој е препорачливо да се консумира често во секојдневната исхрана, а богата е со хранливи материи кои му помагаат на организмот да се заштити од голем број болести, како што се канцер, срцеви заболувања и заболувања на органите за варење. За да направите најдобар избор на квалитетна брокула, она што треба да знаете е дека треба да внимавате при купувањето и да купувате само брокула со убава зелена боја, а сите други нијанси, било тоа да е потемна, жолта или посветла нијанса, треба да се ибегнуваат. Доколку забележите некои жолти делови на „цветот“ од брокулата, можете да бидете сигурни дека плодот е презреан и нема да биде доволно вкусен. Свежата брокула може да остане свежа во рок од една недела ако ја чувате во отворен пластичен сад или ќеса и тоа во фрижидер. Кога сакате да ја користите на овај начин, односно по неколку дена не треба да ја миете бидејќи водата за време на стоењето ќе предизвика губење на свежината и нејзината хранливост.

Уштипци со брокула

Состојки:

  • 200 гр брашно
  • 2 јајца
  • 200 гр брокула
  • 5 лажици пармезан
  • млеко по потреба
  • сол по потреба.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган со зовриена солена вода обарете ја брокулата, препорачливо е тоа да биде за време од околу 7-10 минути.
  2. Во сад ставете го брашното, јајцата, малку сол и по потреба додавајте млеко, додека се добие смеса како за уштипци. Оставете ја смесата малку да отстои, најдобро околу 10-15 минути.
  3. Обарената брокула измешајте ја со пармезанот, па додајте ја во смесата од брашно, јајца и млеко. Измешајте за да се добие хомогена смеса.
  4. Со лажица земајте од смесата и пржете ги уштипците во загреано масло. Пржените уштипци со брокула ставете ги на кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.

Сервирајте и на здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошеска Глигоровска.

Сподели: