Иванова трева

Чај и лековито масло од Иванова трева за добро здравје

„Широко достапната Иванова трева (Galium verum) со векови се користела за правење на ливадски венчиња, а традиционално е позната како растение кое лечи бројни заболувања на внатрешните органи и кожата. Обично ја берам крајот на јуни или почетокот на јули. И самото нејзино име кажува дека треба да се бере во деновите блиски до Иванден. Па, токму сега е периодот да ја споделам оваа корисна информација!“- вели Катерина Шамбевска Спасеновска од нашиот тим, која е љубител на природата и нејзините богатства кои се во корист на здравјето.

„Се надевам ќе ви се најде како помош за нега и освежување на кожата, посебно на рацете и стапалата, или пак за залечување мали рани.“ – вели Катерина.

Иванова трева

Нешто повеќе за користа од Ивановата трева

Расте високо до 1 метар, а се наоѓа на суви ридести ливади и пасишта покрај пат во шумите. Има препознатлива златно жолта боја на цветовите кои се групирани во гранчиња и мирисаат на мед, а ливчињата се ситни и во вид на иглички. Цвета од јуни до септември. Корисните својства и се припишуваат на горниот дел од тревката и тоа за време на цветањето, а за да се зачува за зимските денови се суши на ладно и проветрено место, по што се пакува во тегли и се чува на ладно и темно место.

Ивановата трева содржи витамин Ц, етерично масло, органски киселини, минерали, восок, танини и флавоноиди, а во народната медицина се користи за:

  • за зајакнување и чистење на црниот дроб
  • за подобра работа на желудникот
  • за добро здравје на кожата
  • за смирување
  • против хронични бубрежни заболувања
  • против анемија
  • за подобар имунитет
  • за регулирање на метаболизмот
  • за спречување на обилни менструални крварења и хемороиди.

Како да направите масло со Иванова трева во корист на здравјето?

Катерина вели: „Можам само да ви кажам дека е многу лесно. „Најтешкиот дел“ од постапката е да отидете до блиска ливада за да се прошетате и да ја наберете. За да направите лековито масло со Иванова трева, само измијте ја, оставете ја неколку часа под сенка, а на провев да се потсуши иставете ја во стаклен сад со масло. Препорачувам тегла. Затворете ја и оставете да стои на сонце 40 дена, а потоа готовото масло чувајте го на суво и темно место.“.

Важна напомена:

Ова масло не е замена за лекови и терапија препишана од доктор. Претставува алтернативна помош и само така треба да се практикува неговото користење.

Препорака од авторот:

На крај, ако ви се допадна мојот предлог рецепт и сакате да дознавате уште вакви информацииразгледајте ги моите профили каде објавувам корисни совети и испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:

Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Ореовка со мед – ликер од млади оревчиња.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: