чоколадни велигденски мафини

Чоколадни велигденски мафини со рум и портокал

Барате идеја за да направите нешто ново, едноставно и лесно за Велигденските празници? Вие сте на вистинското место. Овие празници израдувајте го семејството со чоколадни велигденски мафини кои лесно се приготвуваат, а се многу вкусни.

Рецептот за чоколадните велигденски мафини е испробан во нашата кујна, па затоа не двоумете се да ги направите. Сигурни сме дека комбинацијата од чоколадо, рум и портокал ќе го освои вашиот вкус, па нека започне прославувањето на веселите празници и приготвувањето на најубавите рецепти.

чоколадни велигденски мафини

Состојки:

  • 150 грама Екстра бело брашно од Жито Лукс
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 2 лажици чоколадно какао
  • 2 јајца
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 100 грама шеќер
  • 2 лажици рум
  • кора од половина портокал

За декорација:

  • 1 ќесичка шлаг крем од ванила
  • 150 мл млеко
  • зелена и кафеава прехранбена боја по желба
  • јајца, зајачиња, цветови од фондан

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се постигне посакуваната густина.
  2. Брашното, прашокот за печиво и какаото ставете ги во длабока чинија. Измешајте ги со лажица за да се добие хомогена смеса.
  3. Во садот со изматени јајца додајте ја смесата со брашното, румот и кората од портокал. Измешајте ги состојките со лажица.
  4. Во калапот за мафини ставете хартиени корпички. Секоја корпичка наполнете ја до 2/3 од висината со чоколадната смеса.
  5. Калапот со мафини ставете го да се пече во загреана рерна на 220 степени за време од 8 до 10 минути. Извадете ги мафините од рерната и проверете со чепкалка дали се испечени. По потреба продолжете со печењето. Печените чоколадни велигденски мафини извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат.
  6. Шлаг кремот и млекото ставете ги во сад за матење. Изматете ги со миксер за време од 3 до 5 минути додека се добие густ крем. Во кремот додајте зелена или кафеава прехранбена боја по желба. Со готварски шприц декорирајте ги велигденските мафини и украсете ги со велигденски јајца, зајачиња или цветови по желба.
  7. Мафините чувајте ги во фрижидер до служењето. На здравје!

Сподели: