Шпагети со сос од мелено месо и зеленчук 1

Шпагети со сос од мелено месо и зеленчук

Идејата за подготовка на шпагети со сос од мелено месо и зеленчук потекнува од холандската кујна, а ние инспирирани од нивниот начин на готвење сакавме да го пробаме овој рецепт во нашата кујна и секако со задоволство да го споделиме со вас.

Комбинацијата на состојките во овој рецепт е посебна и многу интересна. Вкусот е потполно несекојдневен и нам ни остави силен впечаток. Зеленчукот му овозможува сочност на јадењето, а месото и шпагетите убаво ќе ве нахранат. Целосната порција наликува на комбинација од зеленчукова салата и тестени. Одлична е!

Шпагети со сос од мелено месо и зеленчук 2

Состојки:

  • 300 гр шпагети
  • 300 гр мелено месо
  • 450 гр зеленчукова мешавина (морков, пиперка, домат, пченка, грашок)
  • 2 грста грав
  • 2 помали главици кромид
  • 5 чешниња лук
  • 3 средно големи моркови
  • 1 ловоров лист
  • 1 киска магдонос
  • 1 чаша доматен сок/доматно пире/домата.
  • сол и црн пипер по вкус
  • рендано сирење по вкус за одозгора
  • сув босилек или оригано за наросување пред сервирање.

Подготовка:

  1. Морковите и кромидот се сечкаат и се стваат на тивок оган да се пржат во малку масло и вода, за да останат меки.
  2. Гравот сварете го настрана и исцедете го.
  3. Во садот со морковите и кромидот, додајте го меленото месо, исцедениот сварен грав, зеленчуковата мешавина и ловоровиот лист. Оставете го садот на оган уште 10-тина минути за да се пржат состојките, а при тоа зачинете со сол и црн пипер.
  4. Додајте ги ситно сечканиот лук и доматата.
  5. Додека го припремате сосот ставете ги шпагетите да се сварат, а потоа исцедете ги и сервирајте. Во чинијата ставете купче од шпагетите, на средината направете длабина и наполнете ја со сосот, а потоа наросете со сирење и оригано/сув босилек и препуштете се на уживањето во вкусот.

На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате и Шпагети со болоњезе сос.

Сподели: