visokoproteinski dieti 1

Штетните ефекти од високопротеинските диети

Во лето сите се опседнати со својата телесна маса и бараат начин како најбрзо да ја намалат истата, посегнувајќи по било какви диети, најчесто медицински неоправдани и во најлош случај штетни по човековото здравје.

Некои диети практикуваат броење на калории, може да бидат и екстремно нискокалорични и практично дозволуваат внес на многу мало количество на храна, други пак се засновани на тоа колку проценти од внесените калории се добиваат од масти, јаглехидрати или протеини. Високопротеинските диети се диети кои го лимитираат внесот на јаглехидрати, а го нагласуваат внесот на поголема количина на протеини. Пред да се одлучите да примените било каква поригорозна диета добро информирајте се за последиците кои може да настанат од примената на дадената диета.

Како изгледа една високопротеинска диета?

Високопротеинските диети вообичаено се состојат од умерен до голем внес на месо, белки од јајце, сирење, путер, маргарин, зеленчук кој не содржи многу јаглехидрати, а дозволено е и овошјето кое содржи најмалку јаглехидрати и тоа во мали количини. Не се дозволени производи богати со јаглехидрати како: леб, ориз, тестенини, јатки, компир, грав, грашок. Ваквиот режим на исхрана се применува кај познатата Аткинсова диета за која е добро да се знае дека оваа не е медицинска, туку комерцијална диета за слабеење. Најчесто во ваквиот тип на диети како предлог за оброци може да ги сретнете следните:

  • Предлог појадок: омлет со домати и шунка, кафе со вештачки засладувач.
  • Предлог ручек: мешана салата со печено пилешко или телешко месо.
  • Предлог вечера: салата од зеленчук и месо или туна.
високопротеински диети

Зошто се штетни високопротеинските диети?

Овие диети се штетни бидејќи не дозволуваат/ограничуваат внес на храна која е извор на витамини, минерали, антиоксиданси и други корисни материи, односно скоро е забранет внесот на овошје, мешунки, јатки, а и внесот на зеленчук е ограничен бидејќи не смее да се надмине дозволеното дневно количество на јаглехидрати.

Втора причина е што количината на внесени јаглехидрати во почетната фаза е ограничена на 20гр дневно што е екстремно ниска бројка, и поради овој недостаток на јаглехидрати во исхраната, организмот е принуден да ги конвертира протеините и мастите во глукоза (основен облик на хранлива материја – директно искористлива од клетките на организмот) при што се создаваат кетонски тела кои доколку се создадат во големи количини може да предизвикаат кетоацидоза, а во екстремни случаи и кома и смрт. Се разбира вообичаено кетоацидозата не е толку изразена за да предизвика кома и смрт, но сепак намалувањето на pH вредноста во организмот има негативно влијание врз сите функции во телото.

Третата причина е внесот на големи количини на протеини кој директно влијае на влошување на здравјето на бубрезите, исто така може да доведе и до остеопороза бидејќи за метаболизам на големата количина на внесени протеини се троши калциумот складиран во коските или внесен со храната. Поради тоа што дозволените протеински извори се богати и со заситени масти може да дојде и до зголемување на нивото на холестерол во крвта.

Ви предлагаме да прочитате: 5 совети за слабеење кои мора да се почитуваат.

Автор: Маја Велковска.

Сподели: