ishrana pri hronicen gastritis

Што да јадете ако имате хроничен гастритис?

Хроничниот гастритис претставува воспаление на слузницата на желудникот. Најчестите симптоми кои се појавуваат се печење или жарење во желудникот, мачнини, повраќање, надуеност и ждригање.

Хроничниот гастритис се дели во три групи: ерозивен, не ерозивен и посебен тип. Не ерозивниот гастритис најчесто е предизвикан од инфекција со бактеријата Helicobacter pylori.

За разлика од него, ерозивниот тип може да биде предизвикан од различни лекарства, алкохол или повреди на желудочната слузница.

Појавата на симптомите како и нивната јачина има голема поврзаност со начинот на исхрана кај заболените лица. На пример, ако заболениот не јаде подолго време, болката може да биде поголема, а некои намирници може да го „активираат“ гастритисот. Доколку симптомите не се силно изразени се препишува терапија со лекови. Кај хроничниот гастритис најважно е да се пази на исхраната, па на тој начин симптомите ќе се појавуваат поретко. Со оглед на тоа што секој од нас е различен, терапијата и храната која најмногу би одговарала е различна кај секој пациент.

исхрана при гастритис

Може да ве интересира: Исхрана при гастритис предизвикан од Helicobacter Pylori.

Што да јадете ако имате хроничен гастритис?

Овошјето јадете го најмалку 30 минути пред оброкот 

Јадете најмногу четири порции на овошје на ден. Од овошјето се препорачуваат јаболко, банана, праска, круши, грозје, киви, дињи… Овошјето треба да се јаде посебно и не веднаш по оброкот. Тоа е важно затоа што овошјето побрзо се вари во желудникот за разлика од оброкот. Како резултат на тоа се јавува ферментација на овошјето и тегоби при варењето на храната.

Зеленчукот пригответе го на пареа

Кај зеленчукот нема некое посебно ограничување, освен што не би требало да се јади сиров, туку кратко варен на пареа.

Дајте му предност на растителното млеко

При изборот на млеко, најдобро е да вклучите растително млеко, како бадемово, оризово, овесно и слично, а ако е можно направете си домашен јогурт или кисело млеко.

Не претерувајте со зачинување на месото

Може да консумирате немасно младо и свежо пилешко месо, телешко и говедско месо, кое треба да биде приготвено со малку зачини. По желба вклучете и замена за месо од растително потекло, како тофу и соја.

Изберете житарки во цело зрно

Од житарките при хроничен гастритис се препорачуваат ориз, овес и леб и тестенини направени од интегрално брашно.

Пијте вода и билни чаеви

Како и при секоја друга исхрана, водата е напиток кој секогаш се препорачува, со може да се пијат и свежи овошни сокови, напитоци без кофеин, билни чаеви, особено чај од ленено семе, анасон или нане. Газираните пијалаци се дозволени во мали количини.

Ви предлагаме да прочитате: Совети и исхрана при чир на желудник и гастритис.

Сподели: