glikemicen indeks 1

Што е гликемичен индекс и како влијае на телесната тежина?

Лицата коишто патат од дијабетес сигурно имаат слушнато за гликемичен индекс, а можеби и делумно се запознати со значењето на овој израз. Сепак дури и ако не го знаете точното значење на овој индекс, или првпат наидувате на овој поим, самото име „гликемичен индекс“, ни дава до знаење дека станува збор за нешто поврзано со гликемијата т.е. со нивото на шеќер во крвта. А штом се зборува за ниво на шеќер во крвта тогаш сигурно има некоја врска и со шеќерите кои се наоѓаат во храната. Доколку не ви е сосема јасно значењето на овој поим, тогаш ви предложуваме да го прочитате текстот што следува.

Што претставува гликемичниот индекс?

Гликемичниот индекс е бројка (од 1 до 100) со чија вредност се означува колку брзо јаглехидратите од одредена намирница се апсорбираат во крвта, во споредба со чиста гликоза. Вредноста 100 и е доделена токму на чистата гликоза. Со оглед на тоа дека гликозата најбрзо се апсорбира и може најбрзо да го покачи нивото на гликоза во крвта, таа ја има највисоката вредност за гликемичен индекс.

Вредностите на гликемичниот индекс може да се поделат во три категории и тоа: низок (0-55), среден (56-69) и висок (>70) гликемичин индекс, па во согласност со оваа поделба и намирниците се поделени како: производи со низок, среден или висок гликемичен индекс. Зошто ова е важно да се знае? Намирниците со висок гликемски индекс (со ГИ близу 100) влијаат на ниво на шеќерот во крвта многу брзо. Ова може да доведе до наталожување премногу енергија во форма на масти. Брзото предизвикување на гликемискиот скок, или покачувањето на нивото на шеќер во крвта доведуваат до замор, па затоа се препорачува да се избегнуваат. Намирници со висок гликемиски индекс се : белиот шеќер, белиот леб и производи од бело брашно, спортските пијалоци, компирот(зготвен) и слатките.

гликемичен индекс ГИ

Што може да влијае на гликемичниот индекс на едно јадење?

Како да знаеме каков е индексот на едно јадење? Е тука доаѓа покомплицираниот дел на оваа тема. Гликемичниот индекс на едно јадење се зема како просечна вредност од индексите на намирниците вклучени во подготовка на дадениот оброк (соодветно со количините на намирниците), но сепак и тука има отстапувања.

Едно општо правило е дека колку подолго ја готвите храната, толку нејзиниот ГИ е повисок. Затоа се препорачува честа консумација на свежа, непреработена храна или храна припремена со мала термичка обработка. Исто така и разни сорти од една иста намирница може да имаат различен гликемичен индекс, а и степенот на зрелост на овошјето и зеленчукот може да го менува гликемичниот индекс  т.е. колку е позрел плодот толку е повисок гликемичниот индекс.

Сепак овие отстапки не се многу големи, па затоа кога сакаме да дознаеме приближно колкав е гликемичниот индекс на приготвената храна, можеме да се раководиме од гликемичните индекси на намирниците кои сме ги додале.

Автор: Маја Велковска

Ви предлагаме да прочитате: 5 совети за слабеење кои мора да се почитуваат.

Сподели: