Што се пробиотици и како може го подобрат вашето здравје?

Пробиотиците претставуваат микроорганизми – бактерии кои до неодамна воопшто не беа актуелни и ретко се зборуваше за нив. Поради масовната употреба на антибиотици почнаа да се појавуваат разни непосакувани ефекти предизвикани од нарушување цревната микрофлора. Во обид да се најде решение, научниците поинтензивно почнаа да ги истражуваат пробиотиците и нивната функција во нашето тело, па така произлезе тврдењето дека тие се многу корисни и неопходни за добро здравје. Во продолжение прочитајте повеќе за тоа што всушност претставуваат пробиотиците, како може да ни помогнат да бидеме поздрави и во која храна се застапени најмногу.

Што се тоа пробиотици?

Пробиотиците претставуваат живи микроорганизми кои природно ги има во нашиот гастроинтестинален тракт и не ни предизвикуваат никаква штета, туку напротив ни помагаат во процесот на дигестија (со лачење на ензими), можат да продуцираат некои витамини (витамини од Б-групата и витамин К) и ја регулираат функцијата на цревата.

Како делуваат овие корисни бактерии на нашето здравје?

Пробиотиците можат да бидат корисни при повеќе состојби и тоа:

  • При третман на патничка, инфективна или дијареја предизвикана од антибиотици.
  • Може да ја подобрат функцијата на мозокот. Според резултатите на една студија, покажано е дека пробиотиците можеби можат да ги променат неурохемиските процеси во мозокот и со тоа да помогнат во третман на анксиозност и депресија.
  • Според една студија на Американската асоцијација за срце, бактеријата Lactobacillus reuteri NCIMB 30242, се поврзува со намалување на нивото на лошиот холестерол во крвта.
  • Синдром на иритабилни црева. Во клинички испитувања се покажало дека бактеријата Bifidobacterium infantis 35624, може позитивно да влијае на овој синдром и да ги ублажи симптомите на синдромот на иритабилни црева.
  • Исто така интестиналната микрофлора може да ги спречи или да ги ублажи инфекциите со патогени бактерии.
пробиотици

Во која храна најмногу се застапени пробиотиците?

Пробиотиците најмногу ги има во ферментираните производи чија ферментација се одвива токму со работа на овие бактерии. Бактериите всушност природно се присутни на површината на зеленчуците и житариците, а со процесот на ферментација се овозможуваат услови за нивно размножување и функционирање. Освен зеленчукот и житариците, пробиотиците се користат и при производство на јогурт и доколку тие не се уништат со топлотен третман, во јогуртот може да бидат присутни и живи бактерии – пробиотици (што е посебно означено на амбалажата). Во намирници најбогати со пробиотици се вбројуваат:

  • Јогурт и кисело млеко.
  • Кефир
  • Кисела зелка
  • Ферментирани производи од соја
  • Вода од ферментирани сурови жита

Секако најлесен избор од сите овие намирници е јогуртот кој е лесно достапен, не бара никаква подготовка од ваша страна, а притоа е богат со доволна количина на живи пробиотици, при чие консумирање можеме да ги почувствуваме здравствените ефекти кои ни ги нудат пробиотиците.

Автор: Маја Велковска.

Сподели: