Што се случува доколку јадете риба и млечни производи истовремено?

Сигурно голем дел од вас слушнале дека не треба истовремено да се консумира риба и млечни производи. Но, дали некој подетално ви кажал зошто е тоа така? Сведоци сме дека за храната постојат голем број на митови во кои луѓето веруваат. Ги разработивме подетално научните истражувања и докази, и одлучивме повеќе да ве информираме на оваа тема.

Многумина мислат дека доколку се јадат риба и млечни производи истовремено, во организмот се создаваат токсини, се предизвикува алергиска реакција, јавуваат промени и бели дамки на кожата… Нутриционистот Deepshikha Agarwal вели дека не постојат научни докази или истражување кое покажало дека истовремената консумација на риба и млеко е лоша комбинација. Тоа е мит, а повеќе современи рецепти и навики на исхрана, покажале дека не е поврзано со појава на алергија или заболување на кожата. Појавата на бели дамки на кожата може да биде предизвикано од габична инфекција или од деструкција на клетките кои се одговорни за формирање на пигмените, наречени меланоцити, а најчесто ги има на лицето и рацете. Па, доколку јадете риба и млечни производи истовремено, не стравувајте дека може да добиете кожно заболување.

Но, доколку сте интолерантни на лактоза или алергични на одредени типови на риба, може да се соочите со повраќање, чешање или стомачни грчеви. Ова може да се случи доколку истовремено консумирате риба и млеко, или ги јадете одделно во комбинација со друга храна.

риба и млечни производи

Во многу традиционални начини за припрема на риба се користи кајмак кој е млечен производ. А за да се отстрани непријатниот мирис на рибата се препорачува истата да се маринира во млеко. Континенталната кујна има голем број на рецепти во кои се користи павлака или сосови на база на павлака комбинирани со парче риба. И ние сме сведоци дека не се предизвикува реакција, имаме испробано некои рецепти каде се користи риба и млечни производи, како брзите уштици од туна и ориз. Добро е да знаете дека, доколку приготвувањето на рибата е долготрајно, со голем број на зачини и на висока температура, пиењето на млеко после тоа може да доведе до лошо варење на храната или зголемено лачење на киселини во желудникот.

При подготовката на риба со млечни производи, најважно е да бидете сигурни дека тие биле соодветно чувани и се безбедни за консумација. Покрај тоа, важно е рибата да биде свежа и добро приготвена, а млекото и млечните производи да се консумираат пред рокот на употреба. Како и што претходно споменавме, непосакувани ефекти може да се јават кај луѓе кои се алергични на риба или кај тие што имаат интолеранција на лактоза. Со оглед на тоа, дека овој мит е широко познат, одлуката дали ќе консумирате риба и млечни производи заедно, ја оставаме на вас!

Ви предлагаме да прочитате: 19 идеи за гарнирање на риба.

Сподели: