ниацин

Што треба да знаете за витаминот Б3 (ниацин) – извори, придобивки, дозирање и употреба

Витаминот Б3 – ниацин (никотинска киселина) е еден од тринаесетте есенцијални витамини и е дел од Б комплексот. Тој игра значајна улога во метаболните процеси на организмот. Повеќе од 400 ензими имаат потреба од витаминот Б3, со цел нивно непречено одвивање. На тој начин се добива и се складира енергија која е неопходна за нормално функционирање на организмот. Покрај тоа, ниацинот е неопходен за здрава кожа, коса и очи, здрав црн дроб, а помага и во нормалното функционирање на нервниот систем. Овој витамин е растворлив во вода, па затоа тој лесно се исфрла од телото и ретко предизвикува несакани и токсични ефекти.

Ниацинот е неопходен за претворање на хранливите материи како што се протеините, јаглените хидрати и мастите во енергија. Тој исто така придонесува за:

  • производство на хормони
  • ја потпомага циркулацијата
  • ги намалува воспаленија
  • го нормализира нивото на холестерол.

Ниацинот се наоѓа во два облици и тоа во форма на ниацин или никотинска киселина и во облик на никотинамид или уште познат како ниацинамид. И двете форми лесно се апсорбираат и се присутни во исхраната, а се користат и како суплементи.

витамин Б3 ниацин

Симптоми на недостаток на ниацин

Дефицитот на ниацин е многу ретка појава, бидејќи повеќето режими на исхрана содржат соодветни количини на протеини, односно триптофан, кој е неопходен за синтеза на витамин Б3. Недостаток на овој витамин е забележан кај лица во чија исхрана пченката е доминантен прехранбен продукт, бидејќи таа е сиромашна со наицин и триптофан. Иако недостатокот на ниацин е редок во развиениот свет, тој често се среќава во неразвиените земи во кои царуваат сиромаштијата и гладот. Исто така, недостаток на витамин Б3 се јавува и кај лица кои се заболени од одредени видови на канцер, како и кај алкохоличари. Дефицитот на ниацин резултира со болеста пелагра, болест која се карактеризира со симптоми на тежок облик на дерматитис, деменција и ако не се лекува, може да предизвика и смрт. Други симптоми забележани кај пелаграта се гастроинтестиналните проблеми како што се повраќање или дијареја и невролошки нарушувања.

Извори на ниацин

Разновидната исхрана богата со протеини е добар извор на наицин. Па така со овој витамин изобилуваат:

  • говедското месо
  • живината
  • рибата
  • кикиритките и путерот од кикиритки
  • житните култури.

Животинските извори на витамин Б3 повеќе се искористуваат од страна на организмот за разлика од ниацинот кој се содржи во житарките. Тоа е така затоа што ниацинот во житарките е прикачен за одредени протеини кои ја отежнуваат неговата апсорпцијата и искористеност од страна на организмот. Ниацинот е стабилен на високи температури и светлина, па не се уништува со готвење. Како суплемент најчесто се наоѓа во форма на никотинамид, но во некои додатоци може да се сретне и во облик на никотинска киселина.

Препорачани дневни дози на ниацин

Препорачаните дневно дози на витаминот Б3 варираат во зависност од полот, возраста и од некои други индивидуални фактори. Дневната препорачана доза за возрасни мажи изнесува 16 мг, додека за жени се препорачува да се внесува 14 мг на ден. Повеќето лица консумираат доволни количини на ниацин преку секојдневната исхрана. Доколку некој одлучи дека има потреба овој витамин да го внесува преку суплементи најдобро е претходно да се консултира со доктор.

Токсични ефекти на ниацинот

Ниацинот кој се внесува преку исхраната не предизвикува токсични ефекти. Но, овој витамин може да биде токсичен доколку се консумира во големи дози преку додатоци и суплементи. Сепак, овие несакани ефекти се забележуваат кога се консумираат прекумерни дози, како што се 500 мг или повеќе на ден. Предозирањето со витамин Б3 може да резултира со голем број на несакани и непријатни појави. Па така, како резултат на предозирање може да се појават гастроинтестинални проблеми, чиреви, гихт и оштетување на црниот дроб.

Ви препорачуваме да прочитате: Недостатокот на витамин Б6 е погубен за здравјето, надоместете го со храната!

Сподели: