Јаболко - хранлива ризница неопходна за добро здравје.

Јаболко – хранлива ризница неопходна за добро здравје

Јаболкото од секогаш се смета за лековито овошје и не без причина е речено, „Јаболко на ден и без доктор секој ден“! Може да се каже дека се смета за едно од најомилените и најпопуларните овошја во историјата кое долго време е поврзано со Библиската приказна за Адам и Ева.

Се претпоставува дека јаболкото е плод од Блискиот исток чие потекло е потврдено пред 4000 години на територијата помеѓу Касписко и Црно море, а од луѓето било уживано уште од 6500 година пред нашата ера. Било омилено на Античките Грци и Римјани кои го сметале за плод на младоста. Ова скапоцено овошје се грижи за нашето здравје од разни аспекти и навистина е потврдено дека со јаболко на ден ќе бидеме без доктор секој ден! Моќта на јаболкото за човечкото здравје е незаменлива и тоа како од хранливо здравствен аспект, така и од медицински агол, па се препорачува за консумација од најмала возраст. Организмот има способност да ги искористи хранливите и лековити материи од свежото јаболко за околу 20 минути кога е земено на празен стомак.

Јаболко - хранлива ризница неопходна за добро здравје

Нешто повеќе за големата хранлива вредност од изедено јаболко

Јаболкото е одличен извор на хранливи материи. Неговиот состав изобилува со:

  • растворливи и нерастворливи растителни влакна кои овозможуваат здрав метаболизам со правилно и добро варење на храната
  • има огромни количини на витамин Ц кој е неопходен за добар имунитет, здрави непца и гингиви, за производство на колаген и чување на младоста итн.
  • содржи  калиум кој е важен за здраво функционирање на срцето
  • содржи Б комплекс витамини (рибофлавин, тиамин и Б6) кои се потребни за здрава кожа, коса, нокти, како и погодни за одржување и смиреност на нервниот систем
  • содржи полифеноли кои вклучуваат флавоноиди (посебно кверцетин, а исто така кемпферол и мирицетин), катехини (епикатехин), антоцијани (кај црвените јаболка), флоризин и други полифенолни поддржувачи на здравјето кои делуваат како антиоксиданси и го заштитуваат организмот од канцерогени формации.
  • има оптимално ниво на фитонутриенти и антиоксиданси кои се неопходни за раст, развој и целокупна благосостојба на организмот.

Доколку можете јадете го јаболкото со се кората, бидејќи голем дел од хранливите материи се сместени во неа, а најубаво е ако најдете локални производители кои одгледуваат органски и здрави јаболка за да можете да ги уживате потполно сите здравствени придобивки од секое изедено јаболко.

Сподели: