ќофтиња од модар патлиџан 1

Ќофтиња од модар патлиџан и кашкавал

Одличен рецепт за вегетаријански ќофтиња од модар патлиџан ни испрати Невена. Комбинацијата на модар патлиџан, кашкавал и пармезан, сигурно ќе го задоволи вкусот и на најпребирливите. А на сите нас ни останува да го пробаме рецептот и да ги дегустираме овие вкусни ќофтиња!

ќофтиња од модар патлиџан

Состојки:

  • 2 средни (750 гр) модри патлиџани
  • 100 гр рендан кашкавал
  • 2 лажици пармезан
  • 2 мали јајца
  • 80 гр лебни трошки
  • 2 лажици ситно сецкан магдонос
  • 1 чешне ситно исецкано лукче
  • сол и црн пипер
  • масло по потреба
  • лебни трошки за валкање на ќофтињата.

Подготовка:

  1. Модрите патлиџани измијте ги и ставете ги во тава обложена со хартија за печење. Тавата ставете ја загреена рерна на 250 степени, за време од 30 минути. Печените модри патлиџани извадете ги од рерната, завиткајте ги во најлонска кеса и оставете ги да се изладат.
  2. Ладните патлиџани излупете ги и исечете ги на парчиња. Ставете ги во цедалка да се исцеди водата што ја пуштаат.
  3. Потоа, патлиџаните пасирајте ги со алатка за пире и ставете ги во длабок сад.
  4. Во садот со модри патлиџани додајте ги ренданиот кашкавал, пармезанот, јајцата, лебните трошки, ситносечканиот магдонос, лукот и убаво измешајте. Смесата насолете ја и наросете мелен црн пипер.
  5. Од смесата, со рака формирајте ќофтиња. Ќофтињата извалкајте ги во лебни трошки и пржете ги во тава со загреано масло, на среден оган.
  6. Пржени ќофтиња од модар патлиџан ставете ги на кујнска харија, за да се впие вишокот масло, а потоа сервирајте ги и послужете.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска

Сподели: