Ќофтиња од ориз и ракчиња 1

Ќофтиња од ориз и ракчиња

Ако посакувате вкусна и несекојдневна идеја за ручек, вечера или мезе со вашето друштво ви гарантираме дека нема да згрешите ако ги припремите овие ќофтиња од ориз и ракчиња. Не е тешко, а многу се вкусни за јадење!

Овој интересен рецепт за ќофтиња од ориз и ракчиња е доволен за 2 лица.

Ќофтиња од ориз и ракчиња 2

Состојки:

  • 50 гр бел или интегрален ориз
  • 300 гр ракчиња
  • 1 кришка интегрален леб
  • 2 лажици сенф
  • 1 лажичка ворчестер сос (го има во поголемите маркети)
  • 2 зелени пиперки
  • китка магдонос
  • кора од половина лимон
  • 1 големо јајце
  • малку интегрално брашно да ја поврзе смесата
  • лебни трошки по потреба
  • масло
  • сол
  • црн пипер.

Подготовка:

  1. Најпрво сварете го оризот во зовриена и посолена вода, а потоа исцедете го. Оставете го малку да се излади, па префрлете го во еден сад.
  2. Ракчињата варете ги 5-6 минути во солена зовриена вода и исцедете ги и исечкајте ги.
  3. Така припремените ракчиња додајте ги во садот со исцедениот ориз.
  4. Во садот додајте ги и изронетата средина од лебот, сенфот, ворчестер сосот, исечканите пиперки и исечканиот магдонос.
  5. Смесата измешајте ја и зачинете ја со кората од лимон.
  6. Јајцето изматете го со вилушка и зачинете го со сол и црн пипер, а потоа додајте го во смесата.
  7. Од убаво измешаната и хомогена смеса направете ќофтиња, а потоа набрашнете ги или извалкајте ги во лебни трошки. Вака формираните ќофтиња може да ги наредите во тава обложена со хартија за печење и да ги печете во загреена рерна на 180 степени за време од 20 до 30 минути. По желба, ќофтињата може да ги пржете во поголемо количество на загреано масло. Пржените ќофтиња од ориз и ракчиња извадете ги врз хартиена салфетка за да се впие мрснотијата.
  8. На крај, печените ќофтиња послужете ги со свежа зелена салата. На здравје!

Вака приготвените печени ќофтиња содржат 200 калории, 3 грама масти, 19 грама јагленохидрати, 2,5 грама растителни влакна и 24 грама протеини.

Ви предлагаме да прочитате и рецепт за посни ќофтиња од компири и ориз.

Сподели: