ќофтиња од тиквички

Ќофтиња од тиквички и изварка

Во нашата кујна ви припремивме лесен, брз и здрав рецепт за печени ќофтиња од тиквички и изварка. Тиквичките се нискокалорични, богати се со растителни влакна и се препорачуваат при диети, за исхрана на лица кои имаат проблеми со кардиоваскуларниот систем и дијабетес. Изварката е богата со протеини и калциум. Овие ќофтиња од тиквички и изварка може да ги консумираат и лица кои практикуваат исхрана без глутен, исхрана без шеќери и исхрана со мал внес на јагленихидрати .

Состојки:

  • 1 средна тиквичка
  • 5 лажици изварка
  • 1 јајце
  • сол и црн пипер
  • овесно брашно за посипување

Подготовка:

  1. Тиквичката излупете ја и изрендајте ја на крупната страна од рендето. Ренданата тиквичка ставете ја во сад, посолете ја и оставете за време од 30 минути. Потоа тиквичката добро исцедете ја.
  2. Во длабок сад ставете ја исцедената тиквичка, изварката, јајцето, посолете по вкус и додајте црн пипер. Добро измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса. Доколку сместа е многу течна, може да додадете овесно брашно.
  3. Од смесата формирајте ќофтиња и валкајте ги во овесно брашно. Припремените ќофтиња од тиквичка ставете ги во тава обложена со хартија за печење.
  4. Печете ги во загреена рерна на температура од 220 степени. По 10 минути, ќофтињата превртете ги на другата страна и печете уште 10 минути, додека добијат убава румена боја.
  5. Печените ќофтиња од тиквички и изварка послужете ги топли во комбинација со салата или млечен сос.
ќофтиња од тиквички и изварка

Сподели: