e aditivi vo hranata 1

Што означуваат Е адитивите во храната?

Бои, конзерванси, емулгатори, регулатори на киселост, засилувачи на вкусот… ви звучат познато нели? Сите овие набројани состојки, уште познати како адитиви ги среќаваме во преработената храна, а најчесто се означени со буквата Е и некој број до неа. Знаете ли кои од нив се штетни, а кои не? Еве еден краток водич кој ќе ви го олесни изборот при купување на храна, а истовремено ќе се погрижи за вашето здравје.

Боите кои се додаваат во храната имаат ознака од Е100 до Е199

Овие адитиви вообичаено го засилуваат, менуваат или ја подобруваат природната боја на месото, откако тоа поминало одредена обработка. Боите кои се користат при производството може да бидат природни или синтетички. Најчесто се користат во месната индустрија, при производство на десерти и газирани сокови. За некои од боите се направени испитувања, што ги поврзуваат со зголемување на ризикот од појава на карцином.

Избегнувајте да купувате храна со ознаки со Е200 до Е299

Знаете ли што се означува со Е200 до Е299? Тоа се едни од најштетните адитиви во храната, односно конзервансите. Конзервансите го спречуваат расипувањето на храната, предизвикано од микроорганизми кои ги има во воздухот или водата за пиење. За конзервансите постојат правилници со кои се ограничува нивната количина која може да се додава во храната, затоа што прекумерното користење е штетно за организмот. Особено внимание треба да се обрне на нитратите и нитритите, за кои во високи дози е докажано дека се канцерогени.

е адитиви во храната

Антиоксидансите имаат ознака од Е300 до Е399

Тоа се адитиви што го продолжуваат рокот на траење на храната, така што го стопираат или забавуваат природниот процес на оксидација. Се делат на две групи: природни и синтетички. Едни од најпознатите антиоксиданси се витаминот Ц и лимоновата киселина.

Емулгаторите, стабилизаторите и згуснувачите во храната се означени со Е400 до Е499

Овие адитиви се користат за подобрување на конзистенцијата на месните продукти и десертите. Храната која ги содржи е со похомогена структура, посочна и поароматична.

Ознаките Е500 до Е599 кажуваат дека во храната се додадени регулатори на киселост

Регулаторите на киселост се означени со Е 500 до Е599. Тоа се материи кои ја контролираат или ја променуваат киселоста на храната. Вообичаено се користат за да се спречи или забави развојот на микроорганизмите, па така храната станува потрајна.

Избегнувајте храна која содржи засилувачи на вкус со ознаки Е600 до Е699

Овие додатоци се користат за да се засили и за да се нагласи природниот вкус на преработената храна. Најчесто ги има во мешаниот зачин, супите и грицките кои се продаваат по рафтовите на маркетите.

Важно е да се знае дека секој адитив претставува хемиско соединение чија формула е позната. Некои од нив се природни, а некои се добиваат вештачки. Некои адитиви се дозволени за употреба, некои не се дозволени, а еден определен број на адитиви се дури и забранети. Дали се штетни или не (за човечкиот организам) зависи секако и од количината на консумирање. Ако се консумираат често и во големи количини, ризикот за штетното дејство е поголем.

Ви предлагаме да прочитате: Како почесто да јадете овошје и зеленчук?

Сподели: