новогодишни свеќници од стари тегли

2 идеи за декорација на новогодишни свеќници од стари тегли

Пламенот од свеќи во најразлични бои и големини му дава дополнителна романтика и ја разубавува новогодишната атмосфера. Но, цените на празничните свеќници се прилично високи, па ретко кој може да си дозволи и да купи 4 до 5 новогодишни свеќници кои ќе го разубават домот.

А ние имаме одлично решение и супер предлог, со кој ќе може да направите два уникатни новогодишни свеќници со минимален трошок, а ќе ја збогатите празничната атмосфера. Погледнете го видеото, земете 2 стари тегли, лепило, фломастер и фатете се за работа.

Потребни ви се:

  • стари тегли
  • лист хартија или шаблон (може да го симнете тука)
  • црн фломастер
  • лепило
  • бела или сребрена светкава прашина
  • акрилни или темперни бои во бела и црна боја
  • чепкалки
  • свеќи.

Декорација на новогодишен свеќник со светкава прашина

  1. На лист хартија нацртајте ја вашата омилена празнична идеја. Доколку немате идеја, може тука да ја симнете сликата која е прикажана на видеото. Нацртаната слика, поставете ја во внатрешноста на теглата.
  2. Врз теглата со црн фломастер, исцртајте ги линиите од сликата.
  3. Штом ќе ги исцртате линиите и ќе ја добиете сликата на теглата, врз елките, куќичките и останатите елементи со помош на четка, нанесете лепило. Врз лепилото поросете светкава прашина во бела или сребрена боја. По желба може да наросите прашина во друга боја.
  4. Вишокот на прашина, истресете го врз лист од хартија и повторно вратете го во пакетчето.

Декорација на новогодишен свеќник со темперни бои

Доколку не сте љубител на светкавата прашина, направете си уникатни новогодишни свеќници со темперни бои.

  1. На лист хартија нацртајте ја вашата омилена празнична идеја. Доколку немате идеја, може тука да ја симнете сликата која е прикажана на видеото. Нацртаната слика, исечете ја, а долната страната премачкајте ја со лепило.
  2. Сликата залепете ја врз теглата.
  3. Земете неколку чепкалки и заврзете го со ластиче. Потоа со чепкалките земете од белата акрилна боја и украсете ја теглата во горниот дел. Со ова ќе се постигни ефект на снегулки.
  4. Земете црна или боја по ваш избор и обојте ја сликата која е поставена на теглата.

Во направените новогодишни свеќници ставете свеќи, запалете ги и уживајте во пријатната атмосфера и празнично расположение.  А за да го разубавите домот ви предлагаме да направите и:

Сподели: