кујнски совети

3 кујнски совети кои ќе ви заштедат време и пари

Сите сакаме да имаме повеќе слободно време за фамилијата и најблиските пријатели, па затоа постојано бараме начини како може подобро да се организираме. Понекогаш, подготовката на јадења и одредени специјалитети одзема многу време, а ретко кој од нас сака да поминува по 2 до 3 часови во кујната.

Затоа погледнете го видеото и применете ги следните кујнски совети кои ќе ви заштедат драгоцено време, а истовремено и пари.

Секогаш имајте свеж сок од лимон

Во голем број рецепти сигурно сте забележале дека често се користи свеж сок од лимон. Но, понекогаш се случува да немате лимони при рака, а притоа да сакате ручекот или вечерата да ги приготвите за брзо време. Не губете време за одење по маркети. Штом имате на располагање повеќе лимони, не ги оставајте долго да стојат и да се сушат, затоа што со текот на чувањето се губи нивниот квалитет. Веднаш иседете ги (техниката за лесно цедење на лимони прочитајте ја тука) и ставете ги во калап за мраз. Свежиот сок од лимон замрзнете го. Потоа замрзнатите коцки од лимон ставете ги во ќеса со херметичко затворање, вратете ги во замрзнувач и користете ги по потреба.

Брзо исечкајте лук

Лукот им дава убава арома на јадењата, но непријатниот мирис кој останува на рацете при сечкање на лук, често е проблем на многумина. Затоа, следен пат кога морате ситно да исечкате лук, нема потреба да користите различни кујнски апарати за мелење на лук, кои тешко се мијат, а одземаат време и простор во кујната. Земете мало ренде и изрендајте го лукот. Времето кое ќе го потрошите за миење на рендето е значително помало во споредба со чистењето на блендерот, а покрај тоа вашите раце нема да мирисаат на лук.

Одржете ја работната маса чиста, при рендање на кашкавал

Сигурно и вас ви се случило при рендање на кашкавал и сирење, парчињата да завршат насекаде по работната маса. Сега постои лесен трик, кој ќе ви заштеди време, а работната маса ќе биде совршено чиста. Рендето ставете во најлонска ќеса, а потоа изрендајте го кашкавалот. Сите парчиња кашкавал ќе паднат во ќесата, а вие ќе немате потреба да ја чистите работната маса. Лесно и едноставно!

Сподели: