испукани пети

3 чекори за нега на стапала и испукани пети

Женските стапала треба редовно да се негуваат. Тие треба секогаш да бидат мазни и привлечни, преку целата година, а не само во текот на летните месеци. Најголемиот и најчестиот проблем кој го уништува убавиот изглед на стапалата е грубата кожа и испукани пети.

Причината за испукани пети најмногу лежи во изборот на обувките кои ги носиме, а предизвикуваат сушење и поцрнување на табаните. Иако на пазарот има многу препарати за нега и хидрирање на овој дел од телото, сепак стапалата можете да ги негувате ефикасно, без да потрошите многу пари користејќи ги намирниците од вашата кујна. Следните препарати можете да направите и сами, а покрај тоа што вашите стапала ќе бидат меки, ќе се ослободите од замор и ќе се опуштите.

испукани пети

Чекор 1: Топла бања за омекнување на кожата

Првиот чекор при негата на стапалата е отстранување на грубата кожа, која често има и непривлечен жолтеникав изглед. Во леген со топла вода ставете малку гел за туширање или сапун. Потопете ги нозете околу 10-тина минути. Топлата вода ќе ја омекне грубата кожа за да можете полесно да ја отстраните. Избришете ги нозете со крпа без да триете.

Чекор 2. Пилинг од шеќер и мед

Во еден сад ставете 2 лажици кафеав шеќер, 1 мала лажичка кокосово масло, 1 мала лажичка мед и 2 капки масло од нане. Состојките добро измешајте ги и втријте ги нежно на стапалата. Потоа, стапалата измијте ги со топла вода и исушете ги.

Чекор 3: Направете маска од растително или маслиново масло

Примената на маслото за омекнување на грубата кожа е многу ефикасна домашна метода, а сѐ што ви треба е малку маслиново, растително или кокосово масло. Пред легнување, со прстите или памук нанесете масло на стапалата и добро измасирајте ги, нежно протривајќи ги критичните места. Облечете чисти памучни чорапи и оставете ги преку ноќ. Кога ќе се разбудите вашите стапала ќе бидат меки и хидрирани.

Совет плус: Доколку имате поголем проблем со испукани пети, најдобро ќе биде да се советувате со стручно лице.

Сподели: