paskanatot vo ishranata 1

5 бенефити од вклучувањето на пашканатот во исхраната

Пашканатот можеби го користите во супи или варива, а сигурно малку сте слушнале за неговата хранлива вредност. Изобилува со хранливи состојки, a кога се приготвува на соодветен начин, ги освежува и обогатува зимските јадења. Во прилог ви претставуваме 5 здравствени придобивки кои ќе ве мотивираат за што почесто да се најде пашканатот на вашата трпеза.

Но, пред да започнеме да ве запознаеме малку повеќе со него. Пашканатот припаѓа на фамилијата Apiaceae заедно со морковот, магдоносот, целерот, кимот и копарот. Тој е двегодишно растение кое се бере во студените месеци, а потекнува од медитеранските региони. Месестиот корен потсетува на морков, но има бела или кремаста боја и е поблаг по вкус. Сланата е клучна за подобра берба, бидејќи замрзнувањето на земјата претвора најголем дел од скробот во шеќери и ги зацврстува долгите парчиња.

пашканатот во исхраната

Претставува добар извор на растителни влакна

Пашканатот е одличен извор на растворливи растителни влакна, кои помагаат да се намали нивото на лошиот холестерол во крвта и ризикот од дијабетес. Исто така, растворливите влакна помагаат храната полесно да се исфрла низ цревата, со што ги олеснува проблемите со опстипација.

Помага во одржувањето на нормална телесна тежина

Растворливите растителни влакна кои ги содржи пашканатот помагаат да се чувствувате сити подолг временски период, а го спречуваат и ослободувањето на „хормонот на гладот”. Така со воведувањето на пашканатот во вашата исхрана можете да ја намалите количината на храна која ја внесувате во текот на денот и на тој начин да ја одржувате посакуваната телесна тежина.

Ја поддржува функцијата на имунолошкиот систем

Пашканатот ги содржи витамините Ц и Е, кои го помагаат за елиминирање на слободните радикали. Витаминот Ц го помага и во производството на бели крвни зрнца, кои се важен дел на имунолошкиот систем во борбата против микробите.

Го подобрува здравјето на срцето

Овој бел корен содржи калиум, кој делува како вазодилататор (спречува стеснување на вените и артериите). На тој начин го намалува крвниот притисок и ја подобрува функцијата на срцето. Исто така, содржи и фолати кои помагаат да се намали нивото на хомоцистеин во крвта. Зголеменото ниво на хомоцистеин се поврзува со зголемен ризик од срцеви заболувања.

Благопријатно влијае во бременоста

Фолатите кои ги содржи пашканатот, допринесуваат да се намали ризикот од дефекти на неуралната туба, од која се развиваат мозокот, рбетниот мозок и рбетниот столб на бебето. Познат е и како храна која помага против депресија. Затоа им се препорачува на младите мајки во борбата против постпородилната депресија.

Ви препорачуваме да прочитате: Ароматичниот пашканат како зачин и лек.

Сподели: