6 нешта кои најверојатно не ги знаете за вкусниот грашок 1

6 нешта кои најверојатно не ги знаете за вкусниот грашок

Дефинитивно грашокот е намирница чиешто значење за нашето здравје не е доволно нагласено и паради тоа можеби е помалку застапен во нашата исхрана. Во понатамошниот текст ви наведуваме неколку факти за вкусниот грашок, а со тоа и неколку причини плус, за да го вклучите грашокот во вашата секојдневна исхрана.

Грашокот содржи богатство на хранливи материи

Сигурно не сте сметале дека грашокот е храна богата со многу корисни материи како што се: куместрол (супстанца која се поврзува со намален ризик од појава на рак на желудник), изобилство на антиоксиданси од разни типови, витамини од Б групата, витамин К, витамин А, витамин Ц, омега -3 линоленска масна киселина, растителни влакна, протеини,  манган, железо и уште многу други корисни супстанци.

Грашокот го намалува ризикот од појава на одредени заболувања

Поради многубројните корисни материи кои ги има во грашокот, тој се поврзува со намален ризик од појава на рак на желудник, кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2.

Грашокот има низок гликемичен индекс

Нискиот гликемичен индекс на грашокот ни покажува дека тој не предизвикува нагло покачување на шеќерот во крвта бидејќи не содржи големо количество на јаглехидрати кои веднаш се апсорбираат и многу брзо стигнуваат до крвта. Тоа значи дека грашокот е пожелно да го употребуваме ако сакаме да превенираме дијабетес, а може да го употребуваат и лица со преддијабетес или дијабетес со цел контрола на нивото на шеќер во крвта.

Грашокот е нискокалорична храна

Грашокот содржи само 81 ккал на 100 грама грашок, за разлика од другите мешунки како гравот и леќата, кои содржат околу 300-400 ккал на 100 грама намирница (сурова намирница). Ова се должи на ниската содржина на масти во грашокот која изнесува околу 0,4 грама на 100 грама грашок.

6 нешта кои најверојатно не ги знаете за вкусниот грашок 2

Хранлива вредност на грашок

100 грама суров грашок содржи:

  • Калории: 81 ккал (4% од ДПП)
  • Влакна: 5,1 г (20% од ДПП)
  • Протеини:  5,4 г (11% од ДПП)
  • Витамин Ц: 40 мг (67% од ДПП)
  • Витамин К: 8 мкг** (31% од ДПП)
  • Железо: 1,5 мг (8% од ДПП)
  • Манган: 0,4 мг (21% од ДПП*)

*ДПП –Дневни препорачани потреби ( количината на нутриенти присутни во одредена намирница може да се изразува и во % од ДПП, што ни покажува колкав процент од вкупните дневни препорачани потреби (на одреден витамин, минерал итн.) задоволуваме со внес на дадената количина (во случајов 100 гр грашок) од одредена намирница. Пр: со 100 гр грашок внесуваме 5,1гр влакна, а Дневните Препорачани Потреби за влакна изнесуваат 25,5 гр, па така со 100 гр грашок ќе внесиме 20% од вкупните Дневни Препорачани Потреби за влакна.

Одредени лица треба да го имаат предвид ова во врска со грашокот

И покрај многубројните позитивни страни на грашокот, тој има и една мала негативна страна. Грашокот како и многу други намирници содржи супстанци наречени пурини, чие големо внесување треба да го избегнуваат само лицата кои имаат болест наречена гихт, или пак имаат проблеми со бубрежни камчиња (формирани од урична киселина). Се смета дека дел од овие пурини може да се разложат на урична киселини-која доколку се создаде во големи количини кај некои лица може да предизвика одредени проблеми. Затоа на овие лица им се препорачува да го ограничат внесот на храна богата со пурини.

Сепак грашокот е исклучително здрава, а и ефтина и достапна намирница па доколку немаме проблеми со гихт или со бубрежни камчиња немаме никаква причина за загриженост и можеме слободно да одлучиме редовно да  го користиме грашокот во нашата исхрана.

Автор: Маја Велковска.

Ви препорачуваме да прочитате и како грашокот влијае поволно врз нашето здравје. 

Сподели: