баклава-со-мак

Баклава со мак и ореви

Постојат разни рецепти, но баклава со мак и ореви е одличен избор за сочен десерт со уникатен вкус! Изборот на состојките овозможува бескрајно уживање во ароматичните сензации на орев и ситните зрнца афион, кој фантастично го надополнува вкусот на оваа баклава со мак!

Афионовото семе или мак, е одличен прилог на голем број солени и слатки јадења, често се употребува во рецепти за разни печива како состојка за декорација или лесно пополнување на вкус, како што е во нашата баклава со мак. Оревот пак е состојка со изразена јаткаста арома и омилен вкус помеѓу дегустаторите, па идеално се вклопува во вкусот.

баклава-со-мак

Состојки:

  • 500 гр кори за баклава
  • 100 гр афионово семе (мак)
  • 3 јајца
  • 150 гр шеќер
  • 250 гр кисело млеко
  • 1 чаша (230мл) масло
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 300 гр сечкани ореви
  • 100 мл минерална газирана вода.

За шербет:

  • 700 гр шеќер
  • 600 мл вода
  • 1 ќесичка ванилин шеќер.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Матете додека станат пенести, а потоа додајте ги маслото, киселото млеко, афионовото семе и печивото, па уште кратко матете ја смесата.
  2. Во намрсен плех ставете една кора, попрскајте ја со масло, па ставете уште една кора и таа попрскајте ја со масло.
  3. Ставете трета кора и врз неа ставете од изматената смеса.
  4. Нанесете од сечканите ореви. Повторете ја постапката се додека го потрошите филот и корите.
  5. Вака припремената баклава исечете ја на коцки и попрскајте ја со минерална вода.
  6. Ставете ја да се пече во претходно загреена рерна на 180 степени, додека зарумени.
  7. Печената баклава извадете ја од рерна и оставете убаво да се излади.
  8. Потоа подгответе го шербетот. Во тенџере на оган ставете ги водата и шеќерот.
  9. Промешајте и оставете на среден оган да врие 10 минути.
  10. Тргнете го тенџерето од оган и додајте ја ванилата.
  11. Промешајте и со топлиот шербет потурете ја баклавата. Оставете ја баклавата да отстои преку ноќ, за убаво да го впие шербетот.

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска

Сподели: