Maкедонското здружение за заштита при работа – номинирано за награда на Интернационалниот медиа фестивал за превенција 2017

International Media Festival for Prevention – XXI World Congress on Safety & Health At work 2017, понуди  интересен предизвик за сите професионалци, инженери, факултети, студенти, организации од целиот свет кои работат (студираат) и делуваат во областа на безбедноста и здравјето при работа.

Македонското здружение за заштита при работа (CIS/Koлаборативен центар на МОТ, и Focal point na EU-OSHA) како прва професионална невладина организација во Македонија која 50 години делува во оваа област, поттикната од желбата, односно стремежот да се постигне подигнување на свеста на јавноста со фокус на работниците и работодавачите за основното човеково право – правото за безбедни и здрави работни места достави видео спот на фестивалот.

Спотот е авторско дело на Милан Петковски, претседател на МЗЗПР, режија Марио Наумовски, изработен од Backstage Media продукција и финансиски подржан од Европската Унија.

На натпреварот доставени се  235 пријави од 38 земји, претставени во „филм” и „мултимедијални производи” кои придонесуваат за подобрување на безбедноста и здравјето на работното место. Видео спотот на Македонското здружение за заштита при работа, во таа конкуренција влезе меѓу 38 номинации од 22 земји за награда.

„Мотивот за учество на натпреварот беше да се постигне успех во професијата, преку реализирање на активности и испраќање на директни пораки до постигнување на целта.  На самиот почеток се одлучивме за несекојдневна уметност, целиот филм е изработен со посебна техника на цртање со помош на песок. Обликувајќи ги ликовите, настаните и случувањата од песок, создадовме приказна, односно порака за секој гледач, за секое семејство: „Време е за дијалог. Работниците заслужуваат безбедни и здрави услови за работа. Да разговараме за подобрување на правата на работниците за безбедна работна средина на ниво на компанија, за на крајот на денот работниците се вратат безбедно и здраво во своите домови“ – изјави Андријана Зафировска, претставник на Македонско здружение за заштита при работа.

Победниците ќе бидат официјално избрани на Меѓународниот фестивал за превенција кој ќе се одвива заедно со Светскиот конгрес за БЗР во Сингапур и наградата ќе биде доделена на церемонијата која ќе се одржи на 4 септември 2017 година.

Да им посакаме среќа!

Сподели: