слабокрвност

Недостаток на железо причина за слабокрвност

Слабокрвност или анемија е едно од најчестите пореметувања на крвта, а воедно и најчеста болест. Главна причина за слабокрвност е недостатокот на железо, а болеста е најмногу застапена кај жените, меѓу 20 и 50 години.

Железото во крвта има функција да спречи слабокрвност

Еритроцитите се црвени крвни зрнца без јадро, кои во својата структура носат протеински пигмент наречен хемоглобин, кој е богат со железо и е одговорен за пренос на кислородот до клетките и отстранување на јаглеродниот диоксид од клетките.

Медицинските наоди на анемичните лица со ниско железо имаат вредности под 8, нивото на хемоглобин е исто така ниско, а тоа резултира со ниски хематокритски вредности.

слабокрвност - анемија - храна со железо

Како се манифестира слабокрвност? 

Лицето кое е анемично, односно е слабокрвно обично изгледа бледо, уморно, со апатично расположение, може да има чести главоболки, недостаток на воздух, тахикардија, несвестица, вртоглавица, рани на јазикот и други инфекции предизвикани од лошата апсорпција на повеќе минерали и хранливи елементи. Ноктите може да бидат тенки и кршливи, косата да опаѓа повеќе од вообичаено, а можен е и недостаток на апетит.

Има два типа на анемија. Најчест тип на анемијата е таа која настанува поради недостаток на железо во исхраната или поради зголемена загуба на крв (крварење, хемороиди), а може да се јави и поголема потреба за железо во текот на бременоста или доењето или доколку лицето активно се занимава со спорт. Другиот тип на анемија е предизвикана од недостаток на витамин Б12 (кој го поттикнува процесот на формирање на црвени крвни зрнца), недостаток на фолна киселина (која заедно со витаминот Ц и железото го завршуваат процесот на созревање на еритроцитите).

Како да се храниме за да спречиме појава на анемија?

Прво мора малку да се зголеми внесувањето на црвено месо, црн дроб, риба, јајца, да се јаде зелен зеленчук, грав, грашок, интегрални житарици, црн мед кој е богат со железо, храна богата со бакар бидејќи таа помага во апсорпцијата на железото – морска храна, кајсии, цреши, смокви, јајца.

Со оброкот, не практикувајте да пиете чај, кафе и вино, бидејќи нивните танини ја спречуваат апсорпцијата на железо. Со оброк од месо или зеленчук најдобро да е се пие лимонада, или да се јадат кисели овошја, бидејќи витаминот Ц помага во извлекување на железо од храната и ја олеснува неговата апсорпција во цревата.  Препорачливо е да се јаде спанаќ, најдобро во свежа состојба како салата или лесно готвен. Храната која е богата со железо, не треба да се јаде во комбинација со леб, тестенини, шеќер и ориз, бидејќи тие се богати со јаглени хидрати, содржат фитати кои го попречуваат варењето на храната, а со тоа го оневозможуваат железото да стигне на вистинското место.

На жените им е потребно околу 15 мг железо на ден, а на доилки и бремени жени околу 25 мг. Со пообилно крварење во деновите на менструалниот циклус, жена може да изгуби 12-14 мг железо, а тоа е еден од моментите кога мора да внимава исхрана треба да биде високо квалитетна и богата со железо. Следете ги нашите препораки и чувајте го вашето здравје, а доколку подолго време ги чувствувате погоре наведените симптоми на слабокрвност, најдобро е да се обратите кај вашиот лекар.

Сподели: