Арапска раванија без јајца 1

Арапска раванија без јајца

Скоро и да нема човек кој не ја обожава вкусната, мека и сочна раванија. Досега имаме споделено неколку рецепти за овој вкусен традиционален десерт, а денес ви откриваме една нова идеја за арапска раванија без јајца која ни доаѓа од кујната на Лидија.

Ги почитуваме сите кујни и сакаме да експериментираме со вкусовите, па особено интересни ни се интернационалните рецепти. Овој рецепт се подготвува брзо и лесно. Па, прва прилика кога ќе ви се пријаде нешто благо, подгответе си ја и уживајте во слаткото задоволство наречено раванија.

Арапска раванија без јајца 2

Состојки:

  • 400 г гриз
  • 180 г путер
  • 100 г шеќер
  • 40 г кокос
  • 1 лажичка сода бикарбона
  • 2 лажички ванилин шеќер
  • прстофат сол
  • 250 мл јогурт или млеко

За шербет:

  • 300 г шеќер
  • 250 мл вода
  • 1 лажица лимонов сок

За премачкување на калап:

  • таан по потреба

Подготовка:

  1. Најпрво се подготвува шербетот за да може да се излади додека се подготвува тестото за раванија. Се ставаат шеќерот, водата и лимоновиот сок во тенџере на оган на средна температура. Откако шербетот ќе зоврие, се намалува температурата на шпоретот и се остава да се вари уште неколку минути, додека шеќерот целосно се стопи. Се трга од рингла и се остава да се излади.
  2. Калап со средна големина се премачкува со таан (паста од сусам).
  3. Путерот се растопува и се остава малку да се излади.
  4. Во длабок сад се додаваат гризот, ванилиниот шеќер, растопениот путер, кокосот, солта, шеќерот, јогуртот и содата бикарбона и добро се мешаат за да се соединат.
  5. Вака подготвената смеса се истура во премачканиот калап за печење. Тестото се покрива со најлонска фолија и се остава да одмори околу 20 минути.
  6. Тестото за раванија се сече на коцки и се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20 минути. После 20 минути печење, раванијата повторно се сече врз истите коцки и пак се враќа во рерна за да се допечи уште околу 20 минути.
  7. Откако раванијата ќе се испечи, веднаш штом се извади од рерна се полева со веќе изладениот шербет.
  8. Попарената раванија се остава да одмори преку ноќ, па се покрива со најлонска фолија.
  9. Пред сервирање, арапската раванија се поросува со кокос, а преостанатата количина се чува во фрижидер.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Традиционален рецепт за раванија со гриз.

Сподели: