За сите обожаватели на хумус и намази од семиња или зеленчук! Имаме нов, супер рецепт кој го подготви Марија од нашиот тим. Ако обожаваш хумус и сакаш да дегустираш различни јадења и рецепти, пробај го кремастиот намаз од наут. По вкусот е сличен на хумусот, но е полесен и понискокалоричен.
„Првичната идеја ми беше да приготвам домашен хумус по рецепт од мојата пријателка Катерина, а скоро бев сигурна дека ги имам сите состојки. Наутот го сварив, зачините ги спремив и забележав дека немам таан. Па се одлучив да направам нова комбинација и понискокалоричен намаз од наут. Наместо таан додадов павлака која му даде кремаста текстура и полесен вкус. Намазот е одличен за појадок на парче леб или галети. Ако сакате може да го направите и во посна варијанта, наместо павлака додајте повеќе од течноста од наутот.“ – вели Марија.

Состојки:
- 2 чаши варен наут
- 2 лажици маслиново масло
- 2 лажици свежо цеден сок од лимон
- 2-3 лажици аквафаба (течност од наутот)
- лук во прав по вкус
- морска сол и мелен црн бибер по вкус
- 1-2 лажици павлака.
Подготовка:
- Наутот, маслиновото масло, сокот од лимон и течноста од наутот ставете ги во сечко или блендер. Миксирајте 30-тина секунди и додајте лук во прав, морска сол и мелен црн бибер. Продолжете со миксирање уште 30-тина секунди.
- На крај додајте ја павлаката и продолжете со миксирање за да добиете кремаст намаз. Намазот ставете го во стаклен сад со капак и чувајте го во фрижидер. За сервирање ставете го во чинија, додајте малку маслиново масло и поросете со буковска лута пипер. Искористете го во период од 2-3 дена. На здравје!

Совети од авторот:
- Може да користите варен наут од тегла или конзерва, така ќе заштедите време при подготовката.
- При блендирање може да додадете и неколку маслинки, па ќе добиете супер вкусен намаз со медитерански вкус.
- И за крај, ако ви се допадна рецептот и сакате да го направите, а имате прашања – слободно пишете ми и пратете ми ги вашите фотографии од намазот. Ќе ми биде задоволство да ги погледнам фотографиите и споделам на моите профили на Facebook и Instagram. Следете ме и разгледајте дел од мојата галерија на солени и слатки рецепти.
Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска, @kocovska.marija.
Ви предлагаме да прочитате: Брза крем салата со ориз и мајонез.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.