Бугарски рецепт за козињак

Бугарски рецепт за козињак

Уште еден преубав, но овој пат бугарски рецепт за козињак, мек како душа и сочен. Рецептот е испробан во кујната на Лидија, која со радост го сподели со нас. Таа ни кажа дека разликата при подготовка на овој козињак е во постапката, така што се приготвува слично како лиснато тесто.

Мора да признаеме дека изгледа преубаво, па ако се одлучите да го направите, посетете го блогот на Лидија, за да ги погледнете дополнителните фотографии од подготовката.

Бугарски рецепт за козињак

Состојки:

  • 1 кг брашно
  • 6 јајца
  • 200 грама путер
  • 200 грама шеќер
  • 50 грама квасец
  • 250 мл млеко
  • кора од 1 лимон
  • 1 лажица рум по желба
  • прстофат сол
  • суво грозје по желба.

За премачкување:

  • 1 жолчка
  • 2 лажици млеко.

Подготовка:

  1. Во подлабок сад се ставаат јајцата, шеќерот, кората од лимонот и румот. Се миксираат убаво со миксер се додека се добие кремаста смеса.
  2. Во мал сад на оган се става млекото кратко да се загрее. Во млакото млеко се додава дробениот квасец, 1 лажица шеќер и 1 лажица брашно. Смесата се меша и се трга садот на страна.
  3. Во смесата со матените јајца се додаваат сееното брашно и квасецот. Се меша убаво меко тесто со миксер. Тестото не треба да се лепи по прстите, а ако се лепи се додава повеќе брашно.
  4. Путерот се растопува. Работната маса се поросува со брашно. Тестото се расукува во форма на правоаголна кора и се премачкува со растопениот путер. Едниот крај на кората се витка кон средината, а потоа над него се става и другиот крај. Притоа, треба да добиете форма на помал правоаголник или квадрат. За целосно разбирање на постапката, ви предлагаме да го посетите блогот на Лидија, каде што може да видете повеќе слики од подготовката на рецептот.
  5. Кората повторно се расукува во форма на правоаголник и се премачкува со растопен путер. Едниот крај на кората се витка кон средината, а потоа над него се става и другиот крај. Оваа постапка се повторува додека се потроши путерот.
  6. Штом путерот се потроши, се прави топка од тестото и се става во сад. Садот се покрива со најлонска фолија и со крпа. Се остава да нарасне за време од 2 часа.
  7. Нараснатото тесто се дели на 3 дела. Од секој дел се плети плетенка по желба. Плетенките се ставаат во плех обложен со хартија за печење и се оставаат да нараснат уште 30 минути.
  8. Потоа се премачкуваат со матена жолчка и се поросуваат со сусам или други семиња по желба. Во Бугарија, козињакот најчесто се попрскува со шеќер. Доколку го поросувате со шеќер, треба да знаете дека на козињакот побрзо му гори кората.
  9. Вака приготвените плетенки се печат во загреана рерна на 180 степени додека добијат убава боја. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска.

Ви предлагаме да прочитате: 5 избрани рецепти за велигденски козињак (плетенка, милиброд).

Сподели: