Вкусно домашно лепче без месење 1

Вкусно домашно лепче без месење

Сега и оние кои не се многу вешти во месењето може да си направат вкусно домашно лепче без месење!

Лидија дефинитивно ги има најдобрите рецепти за домашни лепчиња. Овоа лепче нас особено не освои затоа што не треба да се меси, па лесно може да си го подготват и помалку искусните домаќинки.

Па, нека замириса вашиот дом на пресно печен леб! Нам тој мирис ни е еден од омилените, а веруваме ќе им се допадне и на вашите најблиски кои сигурно ќе бидат воодушевени да јадат свеж домашен леб. Послужете го со парче сирење и домат, и уживајте во малите нешта кои се толку лесни за подготовка, кои поради брзиот начин на живот се почесто ги избегнуваме.

Вкусно домашно лепче без месење 2

Состојки:

  • 600 мл топла вода
  • 25 г свеж квасец
  • 2 лажички сол
  • 2 лажици масло
  • 850 г брашно

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете ги топлата вода и квасецот. Добро промешајте ги за квасецот да се растопи. Додајте ги останатите состојки и измешајте ги со миксер или лажица. По конзистенција лепчето ќе биде малку потечно и лепливо. Се остава да нарасне од  1 до 2 часа. Колку подолго време стои, толку лебот ќе биде повкусен.
  2. Работната површина добро набрашнете ја, бидејќи тестото е меко, па може да се лепи врз масата. Потоа, тестото ставете го врз набрашнетата површина и повторно посипете го со брашно. Набрашнетото тесто кратко замесете го, па поделете го на два дела. Секој дел обликувајте го во векна.
  3. Плехот за печење обложете го со мрсна хартија и во него ставете ги векните леб. Покријте ги со кујнска крпа и оставете ги уште 20 минути за да нараснат.
  4. Рерната загрејте ја на 225 степени и притоа внатре попрскајте ја со малку вода, или на дното од рерната ставете огноотпорна чинија полна со вода додека се печи лебот. На овој начин лебот ќе оформи јака кора, а внатре ќе биде убаво испечен,  мек и воздушест.
  5. Откако ќе почне да се создава пареа, лепчето печете го уште околу 30 минути.

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска, slatkitajni.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Посно селско лепче со ржано и бело брашно.

Сподели: