Готвиме со Катерина Ш. Спасеновска: Традиционален козињак на 3 начини – месен со миксер

Велигденска радост! Вчерашниот ден го посветив на козињаците, па се препуштив на креативноста и направив 3 различни форми и вкусови. Традиционален козињак, но печен во калап за куглоф, за во средина да може да се стават јајца. Милиброд со мојот препознатлив крем фил од афионово семе, а годинава го подобрив. Него го знаете веќе неколку години наназад и кој 100% ви препорачувам да го пробате, а третиот е чоколаден козињак. На син ми му се брзаше да проба, па ги раскршив уште топли од рерна и ви сликав најбрзо што можев. – срдечно споделува  Катерина Шамбевска Спасеновска, фуд блогер и уредник на sezahrana.mk.

Препорака на друг рецепти од авторот: Домашен козињак и милиброд од исто тесто и Велигденска венец погача со желе бонбони.

Традиционален козињак на 3 начини - месен со миксер

Состојки:

  • 1 квасец со 1 лажица шеќер, 150 мл млака вода и 2 лажици брашно
  • 300 мл вода
  • 300 мл млеко
  • 100 мл масло
  • 100 гр стопен и изладен путер
  • 2 јајца
  • 220 гр шеќер
  • 2 ќесички ванилин шеќер
  • кора од 1 лимон
  • 1 кг брашно + околу 500 гр за домесување – по потреба.

Додатоци за фил – со краткo опишана постапка:

  • Прв – Во целата смеса: 250 грама суво грозје потопено во 200 мл топла вода и 1 лажица екстракт од ванила (барем 30 минути, па се процедува)
  • Втор – во една третина од тестото: домашен крем од семе од 100 гр афион, 100 гр шеќер, 100 мл млеко, 1 лажица екстракт од ванила, 1 лажица брашно и 1 лажица густин. Се меша ладно да се изедначи и се вари на оган со постојано мешање 10-15 минути додека се згусне.
  • Трет – 30 гр ситно сечкано чоколадо во последната третина од тестото, па поделете на половина и во едниот дел ставете 1 лажица чоколадно какао, замесете и сплетете го делото со какаото и делот без какако. За одозгора, распоредете уште 30 гр ситни коцки чоколадо.

За премачкување за сите 3 козињаци:

  • 1 изматено јајце.
Традиционален козињак на 3 начини - месен со миксер

Подготовка:

  1. Во сад ставете ги квасецот, шеќерот, млаката вода и брашното. Промешајте и оставете 15-20 минути да нарасне. Брашното пресејте го да е спремно.
  2. Во садот додајте ги сите состојки и со миксер матете го тестото 8-10 минути. Кога е убаво соединето, покријте го со најлонска фолија и оставете го да нарасне 1.5 до 2 часа.
  3. Нараснатото тесто ќе биде течно, но со убави меурчиња кои значат дека ќе е меко и со конци. Додајте го сувото грозје и брашно по потреба. Замесете со раце за да се оформи доста меко тесто, но да може да се работи и формира.
  4. За козињакот во куглоф (може и во друг калап или тава), направете 3 долги парчиња и сплетете плетенка. Ако не сакате може само да го сместите тестото, ќе биде супер и така.
  5. За милибродот со крем од афион, отворете правоаголна кора, развлечена со помош на раце и нанесете го целиот фил. Замотајте ролна, па завртете ја како спирала, да добие интересен изглед. Ставете да се печи во долг калап.
  6. Во последната третина, распоредете го со месење сечканото чоколадо, па од тестото оформете топки и ставете ги во калап. Додајте го и сечканото чоколадо за декорација.
  7. Готовите козињаци оставете ги да нараснуваат 30-40 минути, па премачкајте ги со изматеното јајце и печете ги 35 минути во загреана рерна на 190 степени.

Традиционален козињак на 3 начини - месен со миксер

Препорака од авторот: Ако ви се допадна рецептот, разгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:

Сподели: