Пченката после пченицата е втора најраспространета житарка, а е единствена чии зрна можат да се јадат и пред да созреат целосно. Од многубројните јадења кои може да се направат од пченка, можеби најпознатите и најомилени се крцкавите пуканки.
Тешко е да се поверува дека пуканките може да бидат вкусна ужина или здрав оброк. Тоа е така затоа што во последните години често се зборува за нивната калоричност, но без тоа да биде нагласено за кои пуканки се работи. Доколку пуканките се приготвени во микробранова печка или имаат различни преливи и додатоци, во тој случај се внесуваат повеќе калории. Но, доколку ги приготвите сами, без или со малку масло, тогаш имате здрави грицки.

Пуканките ја зголемуваат ситоста
Пуканките претставуваат совршен меѓу оброк затоа што ја зголемуваат ситоста, па наредниот оброк може да се одложи повеќе време. Покрај тоа, тие претставуваат единствени грикци кои содржат 100% необработено цело зрно. Само една порција пуканки може да задоволи околу 70% од дневните потреби на организмот за житарки во цело зрно.
Најголемиот дел од пуканките, околу 78% му припаѓаат на јаглените хидрати. Имено, станува збор за сложени јагленохидрати кои се најквалитетен извор на енергија за нашиот организам. Останатите состојки му припаѓаат на протеините, мастите и растителните влакна. Од витамините содржат витамини од групата Б, а од минералите богати се со калиум, фосфор и магнезиум, а во помали количини имаат железо, калциум, натриум и цинк.
Претставуваат богат извор на антиоксиданси
Тим научници од пенсилванскиот Универзитет „Скрентон“ тврдат дека пуканките содржат повеќе антиоксиданси од овошјето и зеленчукот. Притоа, истакнуваат дека една порција пуканки имаат околу 300 мг антиоксиданси, што е речиси двојно повеќе од било која порција овошје.
Доколку пуканките се приготвуваат без дополнителна маст и сол (во апарат за пуканки), се сметаат за едни од најздравите грицки. Така приготвени се богат извор антиоксиданси како лутеин, зеаксантин и бета-каротен. Што се однесува на енергетската вредност, 100 грама пуканки приготвени без додаток на масло содржат 382 калории. Ако се додаде само една лажица масло, бројот на калории се зголемува на 517, а ако се користи путер, бројот на калории изнесува 536.
Па, доколку повеќе ви се допаѓаат пуканките приготвени на масло, внимавајте на нивната количина, затоа што имаат повеќе калории.
Ви предлагаме да прочитате: Направете совршени домашни пуканки.