Кога нешто се подготвува со љубов, прекрасните резултати се неизбежни! Скоро во секој дом предвелигденски се припрема вкусен домашен козињак и милиброд, па со голем мерак припремив одличен додаток за празничната трпеза! Беше толку убаво погоден и веднаш се изеде, па направив нова доза. Топло препорачувам да го пробате и вие, вкусот ќе му годи на целото семејство! – вели Катерина од нашиот тим.
Се заблагодарувам на нашите пријатели и верни следбеници, кои нѐ научија која е разликата помеѓу поимите козињак и милиброд, затоа што голем број од нас не ја знаевме. Оттука потекна и идејата, за да им се угоди на сите членови од семејството, по испробан рецепт да ви предложам од истото тесто да си подготвите класичен козињак и таканаречениот милиброд, кој наликува и се подготвува како ролат заради што има прекрасен изглед. А инспирација за подготовка на овие две слатки уживања, беше рецептот на Бетина К., па срдечно и се заблагодарувам за трудот кој го вложува на нејзиниот блог. Како што веројатно знаете, подготовката на козињак сака време и трпение, но вреди, па да започнеме со рецептот! – додава Катерина Шамбевска Спасеновска, фуд блогер и уредник на sezahrana.mk.

Состојки:
За тесто:
- 500 грама брашно
- 40 грама свеж квасец (1 коцка)
- 250 мл млако млеко
- 70 грама путер
- 2 јајца
- 130 грама шеќер
- рендана кора од 1 лимон
- 1 кесичка ванилин шеќер.
За фил на козињак:
- 100 грама црно суво грозје
- 1 лажица ванилин екстракт
- 3/4 чаша врела вода.
За фил на милиброд:
- 100 грама семе од афион
- 100 мл млеко
- 80 грама шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер.
За премачкување и поросување:
- 1 јајце
- сусам по потреба
- афионово семе по потреба
- шеќер или по потреба за поросување.

Подготовка:
- Во поголем сад за месење ставете го квасецот и растворете го во малку од млекото. Млекото треба да биде млако. Веднаш потоа, додајте една полна лажица брашно и една рамна лажица шеќер. Измешајте и оставете го 20-тина минути да нарасне. Доколку во просторијата е поладно, може да е потребно и неколку минути подолго.
- Во меѓувреме, во друг сад припремајте ги останатите состојки. Сувото грозје потопете го со сврелената вода, а потоа во неа додајте го ванилиниот екстракт. Промешајте и оставете го да отстои додека дојде време за употреба.
- Подгответе го филот од афион за милибродот. Во ѓезве ставете го афионот, млекото, шеќерот и ванилиниот шеќер. Варете на тивко додека смесата се згусне. Нормално е да остане малку течност и тоа може да се исцеди пред нанесување на филот.
- Путерот стопете го на тивка температура и оставете го да се излади. Лимонот убаво измијте го, па изрендајте ја кората на ситната страна на рендето. Рендајте го само жолто обоениот дел, затоа што белиот дел е горчлив. Јајцата скршете ги и измешајте ги со шеќерот, изрендата кора од лимон, остатокот од млекото и претходно стопениот путер. Додајте ги брашното и ванилиниот шеќер, па измешајте.
- Вака припремените состојки додајте ги во садот со квасецот и измешајте прво со лажица, а потоа матете со спиралните маталки на миксерот најмалку 7-10 минути, односно додека смесата стане жолта, соединета и кремаста. Готовата смеса ќе биде мека и леплива, но тоа е во ред. Покријте го тестото со најлонска фолија и оставете го да нараснува. Готово е кога ќе го зголеми двојно својот волумен.
- Калапите обложете ги со хартија за печење на дното и намрсете ги со путер по страните.
- Наредно, добро нараснатото тестото се меси со раце. Сувото грозје исцедете го од вишокот течност и додајте го во нараснатото тесто.
- Потоа, убаво набрашнете ја работната маса и рацете, па замесете го тестото. Сувото грозје ќе се распореди со месењето. Брашно додавајте по потреба, а тестото треба да е меко, но не да се лепи за рацете, така ќе знаете дека е готово.
- Измесеното тесто поделете го на два еднакви дела.
- Од едната половина направете кора во правоаголна форма и долга колку должината на калапот во кој ќе печите. Потоа премачкајте ја целата површина со филот од афион и завиткајте како ролат. Милибродот е готов и сместете го во калапот за печење. Покријте го со најлонска фолија и оставете го да нараснува, повторно додека ја удвои својата големина.
- Втората половина од тестото поделете ја на 3 еднакви дела. Направете долги нишки од секој дел и сплетете плетенка. Ставете ја во претходно припремениот калап, покријте ја и чекајте да нарасне, исто како и милибродот.
- Откако убаво ќе нараснат, премачкајте ги нежно и со помош на четка со матеното јајце. Козињакот посипете го со сусам, а милибродот со афионово семе. И на двата може да поросите по малку шеќер, тоа ќе ја направи кората крцкава и слатка, но и ќе даде дополнителна боја при печењето.
- Печете во претходно загреана рерна на 190 степени околу 25 минути. Печените козињак и милиброд, покријте ги со кујнска крпа. Нека се на здравје и за многу години празниците!
Препорака плус:
- Козињакот и милибродот се печени во долги правоаголни калапи.
Ако ви се допадна рецептот, разгледајте ги моите профили каде објавувам испробани рецепти креирани во мојата кујна и заследете ме:
- Instagram: @katerina.shambevska
- Facebook: Katerina Sambevska Spasenovska.
Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Велигденска венец погача со желе бонбони.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.